Инфо

Пониска цена на водата во Скопје, но сметките ќе бидат повисоки

Од 29,39 денари за кубен метар, сега цената на водата ќе изнесува 28,68 денари, , но ќе се појави дополнителен трошок од 2,04 денари за две пречестителни станици за отпадни води на реките Лепенец и Треска

четврток, 25 јануари 2018

Водата во Скопје ќе поевтини, но скопјани ќе добијат повисоки сметки. Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека наместо досегашните 29,39 денари за кубен метар, сега цената на водата ќе изнесува 28,68 денариза кубик, што претставува намалување за 0,72 денари. Но, во сметките за вода ќе се појави дополнителен трошок од 2,04 денари за две пречестителни станици за отпадни води на реките Лепенец и Треска, чие одржување го превзема јавното претпријатие.

Од претпријатието информираат дека Регулаторната комисија доставила три предлози за корекција на цената на водните услуги, по што Управниот одбор на претпријатието го прифатил предлогот за најниско ниво. Одржувањето, пак, на пречистителните станици за отпадни води на Лепенец и на Треска на годишно ниво чини околу 100 милиони денари и за оваа ставка исто така е предложено да се прифати најнискиот предлог од Регулаторна комисија, кој изнесува 2,04 денари за кубен метар.

„На седницата одржана на 10.01.2018 година Управниот одбор ги прифати предлозите за корекција на водните услуги од страна ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје и овие предлози ќе бидат доставени до Советот на Град Скопје за понатамошно разгледувње и одлучување“, велат од претпријатието и додаваат дека и покрај наследената превработеност со неквалификуван кадар и големата задолженост направена од претходното раководство, жителите на Скопје ќе плаќаат најниска цена за вода за пиење во Македонија.
 

Содржината е прочитана 1040 пати.