Инфо

Рокот за довршување на автопатот Кичево-Охрид најверојатно ќе биде продолжен за три години

Во финална зфаза е анекс договорот со кинеската компанија „Синохидро“. Конечниот договор ќе оди на усвојување во Собрание во форма на предлог закон

понеделник, 29 јануари 2018

Околу 36 месеци се потребни за да се доврши автопатот Кичево – Охрид и најверојатно за толкав период ќе биде продолжен рокот за доизградба. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека е во финална фаза анекс договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за пролонгирање на крајниот рок за изградба на автопатот.

„Континуирано имаме средби со кинеската компанија со цел да го договориме анекс договорот што се однесува на продолжување на рокот на изградба на автопатот Кичево-Охрид. Мислам дека сме во финална фаза и очекувам во наредните денови да направиме конечен договор, што преку предлог закон ќе оди на одобрување во Собранието“, изјави Сугарески на одбележувањето на 50 годишнината на Друштвото за патишта.

И директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов потенцира дека се потребни 36 месеци за довршување на започнатиот автопат, но, оти сепак, оваа делница ќе биде завршена.

Инаку, во рамки на Коридорот 8, како што потенцираше министерот Сугарески е предвидена и доизградба на патниот правец до граничниот премин со Албанија, Ќафасан, а во завршна фаза е проектирањето и на делот од Гостивар до Кичево, останува уште да почне проектирањето за другиот дел од Букојчани до Гостивар. Исто така, ќе почне и изградбата на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, како и на патниот правец од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир со Бугарија. Се очекува за најмногу три до четири години да биде завршен Коридорот 8 во делот од Куманово до граничниот премин кон Бугарија.

„Завршено е тендерирањето и склучен е договорот со италијанската компанија ‘Терена’ за делот кон Крива Паланка“, рече Китанов.

Според претседателот на Друштвото на патишта на Македонија, Горан Мијоски, Коридорот 8 е изграден и може да се патува по него без проблеми, но треба да се зборува за повисоко ниво на услуга што значи експресни патишта и автопатишта, ниво што ќе овозможи побезбеден и поудобен сообраќај.
 

Содржината е прочитана 237 пати.