Инфо

Измените на Законот за минерални суровини ќе ги затврат рудниците

Рударските експерти велат дека со новиот закон ќе биде предизвикана финансиска штета од три милијарди евра и бараат да се обезбеди јавна расправа за предложените измени

понеделник, 29 јануари 2018

Измените на Законот за минерални суровини што треба да се донесат по скратена постапка, ќе ги затворат рудниците и ќе ја блокираат целата индустрија, истовремено предизвикувајќи финансиска штета од најмалку три милијарди евра за државата, смета претседателот на Македонската асоцијација за рударство (МАР), Николајчо Николов.

На прес конференцијата на МАР беше побарано да се одложи донесувањето на законските измени за да се обезбеди јавна расправа на која свое мислење ќе дадат и рударската асоцијација и експертите.

Измените на Законот за минерални суровини се предложени од 10 пратеници, меѓу кои Лилјана Поповска, Мери Лазарова, Ивана Туфекџиќ, Кети Смилевска, Горан Милевски, Павле Богоевски и Диме Велковски. Измените предвидуваат забрана на примена на цијанид, сулфурна киселина и на други опасни супстанции во текот на детални геолошки истражувања, експлоатација и преработка на минерални суровини заради заштита на животната средина и здравјето на вработените и на локалното население.

Но, претседателот на МАР, Николов појаснува дека во процесот на производството на готови производи кај одредени руди се користи цијанид во мали количини дозволени според светски стандарди, а во дел од рудниците и сулфурната киселина.

„Што е уште позагржувачки, се посочува дека се забрануваат и други опасни супстанци, а не се наведува кои. Според ова, сите постоечки рудници ќе треба да се затворат и ќе се стави мораториум на отворање нови рудници“, вели Николов и потенцира дека е многу чудно што законските измени се туркаат по скратена постапка и без јавна расправа.

Од МАР се убедени дека изменетиот Закон ќе има финансиски имликации по државниот буџет и ќе влијае негативно на потенцијалните инвеститори.

„Државата има преземени обврски во договорите за концесија и при евентуално раскинување на договорите ќе претрпи штета. Само од раскинување на договорите за концесии штетите би достигнале од една до три милијарди евра“, рече Максим Прохоров од рудникот „Саса“ и потенцираше дека со законот се обесправува рударскиот сектор во однос на другата индустрија и на земјоделството, каде што во процесот на производство се користат и цијанид и сулфурна киселина и други опасни супстанци.

Според Прохоров, во светот постои кодекс за управување со цијанидот кој се применува и во земјава, а сите рудници ги исполнуваат критериумите за добивање А или Б интегрирани дозволи за заштита на животната средина.
Моментално сите три рудници за олово и цинк во Македонија, „Тораница“, „Злетово“ и „Саса“ употребуваат цијанид во процесот на работа, додека сулфурната кислеина се користи во некои процеси за производство во рудниците за бакар.
 

Содржината е прочитана 446 пати.