Инфо

Во Карпош поставена првата „Еко зона“ за нула електронски отпад

На влезот од „Скопје сити мол“ е поставен голем контејнер за отстранување помали електрични уреди и електронски отпад

среда, 31 јануари 2018

Пред еден од најфреквентните делови во општина Карпош, на влезот од „Скопје сити мол“ е поставена првата „еко зона“ - голем контејнер за отстранување помали електрични уреди и електронски отпад.

„Еко зоната“ е дел од една поголема акција за организирано собирање на негабаритен и габаритен отпад од домовите на граѓаните. Општината Карпош, чиј приоритет е грижата за здрава и чиста животна средина зема активно учество во спроведување на оваа акција воспоставувајќи соработка со „Нула отпад“ од Скопје.

Стари телевизори, машини за перење, фрижидери, бојлери и мали уреди за домаќинство граѓаните можат да ги пријават кај назначените координатори кои се наменски определени за урбаните заедници во Карпош, по што екипите на „Нула отпад“ директно ќе ги соберат од домовите на граѓаните. Граѓаните можат да го пријават електронскиот отпад на т.н. „еко линија“, односно, на телефонскиот број 070-236-000.

„Ги повикувам граѓаните да се приклучат кон оваа акција. Да го пријават електричниот и електронскиот отпад, но и да се ослободат од малите неисправни уреди – батериите, фрлајќи ги во наменските садови поставени во ’Сити мол’“ , рече градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев и посочи дека со оваа акција се спречува создавање нови диви депонии.

Марјанчо Дамески, директор на „Нула отпад“ истакна дека „еко-зони“ ќе бидат поставени и на други локации во општина Карпош, но и во другите општини и најави дека ваков голем контејнер ќе биде поставен и пред ТЦ „Капитол“ во општина Аеродром.
 

Содржината е прочитана 397 пати.