Инфо

Возачки испит ќе се полага на 17 години

Според најновите измени на Законот за безбедност во сообраќајот нема веќе возачка дозвола да се добива на 16 години, но за да се полага не мора да се биде одличен ученик со примерно поведение, како што беше до сега

среда, 31 јануари 2018

Се зголемува старосната граница за полагање возачки испит. Возачка дозвола во иднина ќе може да се добие со навршени 17, а не со 16 години како што беше досега. Измените на Законот за безбедност во сообраќајот предвидуваат децата со наполнети 17 години да можат да се стекнат со право за оспособување за управување со возило од „Б“ категорија.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) информираат дека децата кои се кандидати за возачи веќе не мора да имаат одличен успех и примерно поведение во последната завршена учебна година за да полагаат возачки испит, ниту, пак, ќе има потреба да обезбедат писмена согласност од психологот и педагогот од училиштето во кое учат.

Но, покрај возраста, кандидатот за возачка дозвола ќе треба да исполнува и други услови. Така, треба да поседува лична карта, да е здравствено и психофизички способен да управува со автомобил, да има завршено најмалку основно образование и да има согласност од двајцата родители, законскиот застапник или старателот. Согласноста треба да биде заверена на нотар.

Но, има и бројни ограничувања. Младиот возач нема да смее да вози автомобил во времето од 20 до 5 часот доколку во возилото не го придружува родител кој седи на предното седиште. Родителот, пак, мора да поседува возачка дозвола од „Б“ категорија и да нема изречена забрана за управување со моторно возило. Исто така, дете-возач не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 километри на час на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 километри на час на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, ниту, пак, да вози со над 100 километри на автопат. Возилото што го управува младиот возач не смее да има мотор со јачина поголема од 77kw, а не смее ни да влече приклучно возило. Забрането е и да управува со возило надвор од територијата на Република Македонија.
 

Содржината е прочитана 308 пати.