Инфо

ОД ВЕЧЕР ВО 20 ЧАСОТ СЕ УКИНУВА БЕСПЛАТНИОТ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ

четврток, 01 февруари 2018

По добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање од 200 µг/м3 и епизодата со зголемено загадување во текот на два последователни дена е прекината, Градот Скопје ги известува граѓаните дека се укинуваат вонредните мерки и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени на 30 јануари 2018 година.

Со тоа, мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се укинуваат веднаш. Но, Град Скопје за да им овозможи на граѓаните коишто на своите работни места пристигнале со автобус, бесплатно да се вратат дома, од вечер (01.02.2018 година) во 20 часот го укинува бесплатниот јавен превоз.

Овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.

И покрај расчистувањето на воздухот Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.
 

Содржината е прочитана 352 пати.