Инфо

Град Скопје ќе вложи 7 милиони денари за проект за ревитализација на езеро „Треска“

Во моментов се изработува колекторски систем на Треска за водите од реката да влегуваат чисти во Вардар. Ќе се прави напор да Езерото да биде приспособено за капење

четврток, 01 февруари 2018

Градот Скопје ја враќа надлежноста околу езерото „Треска“ и одлучи да издвои 7 милиони денари од градскиот буџет за три години за изработка на проект за ревитализација на овој рекреативен центар.

На вчерашната седница на Советот на Град Скопје беше усвоена одлуката според која се воспоставува меѓуопштинска соработка помеѓу Градот и Општина Сарај за проект за ревитализација на езерото „Треска“. За оваа одлука гласаа советниците од мнозинството и оние од албанскиот блок, додека против беше опозицијата со образложение дека Езерото е во надлежност на Општина Сарај и Градот нема потреба да поддржува нешто од кое не може да ги компензира трошоците, а од друга страна, за комплексот веќе постои студија изработена од поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.

„Зошто се издвојуваат 7 милиони денари за изработка на проект за три години, кога веќе има готова студија во Општина Сарај?“, праша советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Јелена Жугиќ.

Градоначалникот Петре Шилегов рече дека има разлика помеѓу студија и проект, дека студијата е визија како нешто треба да изгледа, а проектот е она што е замислено да се подготви за да може да се реализира. Тој појасни дека финансиската состојба што ја наследил во Градот не дозволува да биде направен проект за шест месеци, па уште за шест да се реализира, туку дека мора да се оди побавно, но оти се надева дека, сепак, за пократко од три години Езерото ќе стане бисер на Скопје.

Шилегов смета дека СРЦ „Треска“ е еден од капиталните објекти во градот што треба да им остане на другите генерации. Тоа што со неговото заживување скопјани ќе добијат пристојно катче за рекреација и можност да избегаат од жештините и загадувањето, за градоначалникот е доволен мотив за Градот да се вклучи во проектот и да инвестира.

„Во моментов се изработува колекторски систем на Треска за водите од оваа река да влегуваат чисти во Вардар. Ќе направиме напор да го приспособиме Езерото за капење“, одговори Шилегов на забелешките од опозицијата дека нема начин да се донесе чиста вода во езерото.

Всушност, токму загадената вода е главната причина поради која пропаѓа овој рекреативен центар. Со години во езерото беше забрането капење, бидејќи никој не успеа да најде начин како да се прочисти водата од реката Треска со која се полни.

Спортско-рекреативниот центар „Треска“ е изграден во 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје. На почетокот беше преполно со посетители и претставуваше омилено место за скопјани кои вистински уживаа да се капат и да се сончаат, но и да се разладуваат во кафулињата. Но, набрзо стана јасно дека водата многу лесно се загадува, поточно дека уште при полнење на Езерото таа е со одреден степен на загаденост. Цели 20 години оние кои стопанисуваа со комплексот се обидуваа да најдат начин да го решат проблемот, но безуспешно, за од 1998 година Езерото да биде дефинитивно затворено за капење.

СРЦ „Треска“ досега повеќе пати го смени сопственикот. Во 2013 година надлежноста од Град Скопје премина кај Владата, за набрзо на барање на Општина Сарај да биде донесена одлука сопственоста на објектите од Центарот да се префрли на Општината која вети дека ќе најде инвеститор за да го обнови комплексот. Но, локалната валст не успеа во тоа. Проблемот, практично е покомплексен, бидејќи Општина Сарај стана сопственик само на постојните објекти од езерото „Треска“, но не и на земјиштето од 35 хектари, што значи дека ниеден инвеститор не би можел да го добие во владение целиот комплекс.
 

Содржината е прочитана 379 пати.