Инфо

Нема веќе да се прават барокни фасади во Скопје

Советот на Град Скопје одлучи да запре реконструкцијата на фасадите на зградите, со што од барок се спасија многу објекти, меѓу кои „Ибни Пајко“, „Метропол“, „Пелагонија“...

четврток, 01 февруари 2018

Советот на Скопје ја укина Програмата за реконструкција на фасадите на објекти од центарот на градот и ги усвои одлуките за укинување на одлуката за утврдување на изгледот на барокните фасади на овие објекти. Со тоа се спасија од барок повеќе згради на кои се уште не е почнато рефасадирање, а за кои претходната градска власт отпочна постапка за барокна реконструкција.

Особено е важно што своите изворни фасади ќе ги задржат и објектите кои се препознатлив белег на некогашното Скопје и се дел од колективната меморија на скопјани, меѓу кои се и „Ибни Пајко“, „Метропол“, „ Пелагонија“, ГТЦ...

„Неопходно е да се спречи натамошното уништување на сето тоа што претставува сведоштво на човековото градителско и друго творештво во минатото и да се зачуваат вистинските културни вредности“, се вели во образложението на Градот за донесената одлука.

Одлуката се однесува на згради на улиците „Димитрија Чуповски“, „Никола Вапцаров“, на улица „Македонија“ каде поголем дел згради веќе добија нов изглед, но само од надворешната страна. На некои од нив е отпочнат процесот на обнова на фасадите, како што е зградата на „Пелагонија“ и тие ќе бидат реновирани, но притоа ќе им биде вратен оригиналниот изглед. Откако новото градско раководство најави дека нема намера да продолжи со барокизацијата на централното градско подрачје, отпочнатите активности беа запрени, а зградите останаа под скелињата и заштитните мрежи. Од Градот најавија дека средствата предвидени за барокизација на Скопје ќе бидат пренаменети за нови енергетско ефикасни фасади на средните училишта.

Од друга страна, пак, одлуката може да има финансиски импликации врз градскиот буџет, затоа што Градот се обврзува финансиски да ги обештети авторите на проектите за реконструкција, доколку сами не се откажат од тоа право. Сепак, според Шилегов, таа цена би била далеку помала од трошоците за барокната реконструкција, особено ако се има во предвид дека за само 6 фасади биле дадени околу 9 милиони евра.
 

Содржината е прочитана 314 пати.