Инфо

Законот за минерални суровини ги разгоре страстите

Додека невладините предупредуваат дека ќе се случи егзодус на 400.000 жители од Источна Македонија доколку не се смени нешто околу работењето на рудниците, од рударската фела бараат да се повлече предлог законот, зашто испраќа лоша порака за идните инвеститори во Македонија

петок, 02 февруари 2018

Законот за минерални суровини ги разгоре страстите и ги спротистави невладините организации, инвеститорите и експертите на јавната расправа во Собранието. Додека невладините предупредуваат дека ќе се случи егзодус на 400.000 жители од Источна Македонија доколку не се смени нешто околу работењето на рудниците, претставниците на рударскиот бизнис тврдат дека досега никој не се разболел поради работењето на рудниците.

Невладините сметаат дека Законот за минерални суровини е штетен и нејасен оти не се знае дали се однесува само на отворање нови, или ќе ги опфати и постојните рудници. Појаснуваат дека рударството во кое се прави ископување со лужење на отворен коп, е прогласено за индустрија која е најголем загадувач од Американската агенција за заштита на животната средина. Од НВО „Спас за нас“ велат дека сите концесии за рудници во Македонија се наоѓаат во близина на водоснабдителни системи, додека земјоделците, пак, стравуваат дека доколку се изгради „Казандол“, Валандово ќе стане град на духови.

Но, од рударската фела тврдат дека рудата со разредени количини цијанид ја вадат со години и оти досега никој не заболел поради тоа. Тие бараат да се повлече предлог законот, зашто е штетен и, како што велат, не само што испраќа лоша порака за идните инвеститори во Македонија, туку ќе ги избрка и постоечките инвеститори во рударскиот сектор.

„Законот е негативен, збунувачки за рударскиот сектор. Особено затоа што ние пративме многу лоша порака и таа стигна до нашите инвеститори - не инвестирајте во Македонија, бидејќи таму брзо се менуваат законите, по брза постапка“, рече Николајчо Николов, првиот човек на Македонската асоцијација за рударство.

Разногласие има и кај научната јавност. Додека едни сметаат дека отворањето нови рудници ќе предизвика егзодус во одредени подрачја, други предупредуваат дека и затворањето ќе значи иселување на населението кое сега егзистира исклучиво од рударството.

„Треба како држава да имаме стратегија дали имаме бенефит од минерални суровини, дали треба нешто да менуваме во концесиските договори и на кој начин да го зголемиме бенефитот“, рече универзитетскиот професор, Благој Голомеов.

Тој појасни дека Европската комисија во 2010 година ја одби генералната забрана за примена на цијаниди, бидејќи со подлабинска анализа не се најде никаква аргументација ниту од аспект на заштита на животната средина, ниту од аспект на здравјето на луѓето. Забрана има во Чешка, Германија и Романија, но, како што потенцираше професорот, строго за лужење со цијаниди на отворено.

Сепак, според професорот Светозар Шкариќ, пред правото на здрав живот паѓа и Уставот и сите закони. Тој смета дека за донесување одлука за доделување концесија од страна на Владата треба претходно да се организира референдум во општината во која треба да се отвори таков рудник.

Предлагачите на законот велат дека измените не се однесуваат на постоечките руднци, туку на оние што допрва треба да се отворат. Целта на измените е да се забрани користењето на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни супстанции во рударството заради заштита на животната средина, здравјето на вработените и локалното население.
 

Содржината е прочитана 312 пати.