Инфо

Нема веќе директна автобуска линија Скопје – Солун

Превозникот „Македонија сообраќај“ ја изгубил лиценцата уште во 2014 година. Засега билет може да се купи само од грчкиот превозник „Симеонидис турс“ кој е партнер на македонската компанија

понеделник, 05 февруари 2018

Нема повеќе автобус на релација Скопје–Солун. Од викендов македонскиот превозник „Македонија сообраќај” не продава билети за Солун, а патниците кои сакаат да патуваат до Грција можат да купат билет само од грчкиот превозник „Симеонидис турс“, кој е партнер на „Македонија сообраќај“.

Македонскиот превозник нема да вози до мај годинава, кога Министерството за транспорт и врски ќе изврши нова распределба на меѓународните дозволи за транспорт.

Од Министерството соопштуваат дека поради нередовно одржување на возната линија Скопје-Солун-Скопје и непочитување на одредбите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на компанијата „Македонија сообраќај“ уште во ноември 2014 година ѝ била одземена лиценцата за превоз на патници на оваа линија.

„По две жалбени постапки од страна на оваа компанија, Министерството за транспорт и врски со решение од 12.08.2016 година ја одзема дозволата за вршење на превоз на патници на релација Скопје-Солун. Во период на водење на жалбената постапка, важноста на дозволата била продолжувана, бидејќи решението за одземање на дозволата не било правосилно, а дозволите важеле до 31.01.2017 година. Превозникот АД ‘Македонија сообраќај’ не аплицирал за нова дозвола“, соопштија од Министерството.

Оттаму додаваат дека во моментов се води жалбена постапка пред Управниот суд и се додека таа е во тек, Министерството не може да преземе дејства.

Линијата е укината во 2014 година по пријава од автобуската станица во Велес откако во компанијата одлучиле автобусите да не влегуваат во овој град поради недоволниот број патници. Министерството ѝ ја одзело лиценцата, по што во наредните години следеле тужби. Во меѓувреме „Македонија сообраќај“ си возела на линијата, се додека последниот месец не зачестиле инспекции, по што било одлучено да го прекине превозот.

Од компанијата појаснуваат дека патниците сега можат да купат билет за Солун само преку грчкиот превозник „Симеонидис турс“, чиј автобус тргнува од Скопје во 17 часот секој ден. Потврдуваат дека ќе аплицираат за нова лиценца и се надеваат дека ќе ја добијат во мај, кога се врши распределбата на линиите.

Инаку, редовната автобуска линија Скопје-Солун-Скопје постои повеќе од 15 години. Автобусите сообраќаа два пати дневно и тргнуваа од Скопје во 6 часот наутро и во 17 часот попладне.
 

Содржината е прочитана 339 пати.