Инфо

Потпишан договор за изградба на автопатот „Патот на Арбр“ од Тирана до Македонија

Проектот е вреден 240 милиони евра, а автопатот кој ќе биде со должина од 82 километри треба да биде готов за три години

вторник, 06 февруари 2018

Албанија конечно ќе ја стартува изградбата на новиот автопат што ќе ја поврзува со Македонија. Министерството за инфраструктура и енергетика на Албанија вчера потпиша договор со домашната компанија „Ѓока констракшн“ за изградба на автопатот „Руга е Арбрит“ („Патот на Арбр“) од Тирана до граничниот премин „Блато“ кај Дебар.

Проектот е вреден 240 милиони евра, а автопатот кој ќе биде со должина од 82 километри треба да биде готов за три години.

„Ова е еден многу значаен инфраструктурен објект што нашата земја ќе ја поврзува со Македонија. Во договорот стои дека државата ќе ги подмири обврските кон компанијата во рок од 13 години“, изјави албанскиот министер за инфраструктура и енергетика, Дамијан Ѓикнури.

Автопатот ќе го гради домашната компанија „Ѓока констракшн“ чија понуда беше избрана како најповолна на спроведениот тендер.

„Им благодариме на Владата и на Министерството за довербата. Конечно се чини Владата почна да им верува на албанските компании. Ветувам дека нема да ве разочараме и дека ќе го изградиме автопатот квалитетно и навреме“, изјави Рок Ѓока, претседателот на компанијата по потпишувањето на договорот.

Подготвителните работи за реализација проектот почнаа пред две години, но набрзо беа прекинати. Со изградбата на автопатот, кој се протега од Тирана до албанско-македонската граница кај Дебар досегашната оддалеченост се скусува за околу 100 километри. Токму поради драстичното скратување на патувањето, бизнисмените од Албанија и од западна Македонија со години бараат да се изгради „Патот на Арбр“ кој се очекува економски да го заживее поширокот подрачје од двете страни на границата, но и да го забрза патувањето од Македонија до албанското крајбрежје. Сепак, Македонија се уште тактизира и нема проект, бидејќи преовладува мислењето дека овој автопат засега не е приоритет за државата. Последен пат министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека се чека на проектната документација, па после ќе се знае кога ќе стартуваат градежните работи.
 

Содржината е прочитана 378 пати.