Инфо

Конкурс за три целосни стипендии за школување во гимназијата „Нова“

На конкурсот, што го распишаа Фондацијата „Борис Трајковски“ и Меѓународното училиште, можат да се јават сите деветооделенци кои имаат одличен успех од петто до деветто одделение

вторник, 06 февруари 2018

Фондацијата „Борис Трајковски“ и Меѓународното училиште „Нова“ по 14. пат го распишаа конкурсот за стипендии за четиригодишно школување во гимназијата „Нова“. На конкурсот можат да се пријават сите деветтооделенци кои имаат одличен успех од петто до девето одделение.

Ќе бидат доделени три целосни стипендии, но учениците кои ќе влезат во вториот круг ќе може да аплицираат и за делумна финансиска помош со која ќе бидат покриени до 50 отсто од школарината.

Заинтересираните учесници можат да се пријават најдоцна до 22 февруари. Притоа треба да ја пополнат електронската апликација што може да се најде на веб-страницата на „Нова“ - www.nova.edu.mk.

На 23 февруари ќе бидат организирани тестирања по англиски јазик и по математика, а учениците кои ќе влезат во вториот круг пред повеќечлена комисија ќе презентираат лидерски, тимски и креативни вештини. Финалните резултати ќе бидат објавени на 14 март.

„Самиот факт што го отвораме конкурсот по 14. пат е доволен показател дека бројот на заинтересирани се зголемува секоја година. Задоволни сме од тоа како овој проект расте и се развива. Чест ни е што веќе традиционално соработуваме со фондацијата ‘Борис Трајковски’ и што голем број млади, амбициозни луѓе аплицираат и сакаат да станат дел од нашата образовна институција“, велат од „Нова“.

Програмата за стипендирање почна во 2005 година, а досега ја завршија 10 генерации матуранти, кои своето образование го продолжија на врвни факултети во Европа и во САД.

 

Содржината е прочитана 372 пати.