Инфо

Град Скопје почна да го расчистува коритото на Вардар, набрзо ќе се дислоцираат галиите

Акцијата ќе се одвива во делот меѓу мостот „Гоце Делчев“ и Камениот мост, поточно кај новиот мост што се гради за панорамско тркало и кај првата галија, каде што е и најтесно коритото на реката и постои најголема опасност од излевање

четврток, 08 февруари 2018

Екипи на Град Скопје почнаа со расчистување на насипите и на коритото на реката Вардар од градежен материјал во центарот на градот, со цел да се зголеми проточноста и да се избегне опасноста од излевање на водата при поголеми дождови. Отстранетиот градежен материјал ќе биде однесен во депото на ЈП „Улици и патишта“ во Железара.

Акцијата за расчистување ќе се одвива во делот меѓу мостот „Гоце Делчев“ и Камениот мост, поточно кај новиот пешачки мост што се гради за панорамско тркало и кај првата галија, каде што е и најтесно коритото на реката и постои најголема опасност водата да се излее.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов рече дека веќе дал налог за дислоцирање на галиите од Вардар и за расчистување на коритото околу мостот за панорамското тркало. Тој не прецизираше дали и колку ќе бидат обештетени сопствениците на галиите, кои имаат договор со Град Скопје со важност од 10 години, но пред извесен период изјави дека за дислоцирање на галиите и за уривање на мостот за панорамското тркало ќе бидат потребни околу 5 милиони евра.

„Насипите и градежниот шут во Вардар ја намалуваат проточноста и со тоа сериозно се зголемува опасност од поплавите. Истовремено, наложено му е на претпријатието ’Бетон‘ како изведувач на панорамско тркало да го среди своето градилиште и да обезбеди максимална проточност на коритото во делот на пешачкиот мост. Воедно, ги повикуваме сите релевантни институции во државата да се вклучат во отстранување на штетите од овој проект, со цел да спречиме дополнителни трошоци и да ја обезбедиме сигурноста на граѓаните“, рече Шилегов.
 

Содржината е прочитана 1153 пати.