Инфо

Грантови по 120.000 евра од УНДП за пет општини за приоритетни проекти

Градоначалниците на Гостивар, Кавадарци, Куманово, Ресен и Струмица и постојниот претставник на УНДП потпишаа меморандум за учество во Програмата за грантови за поддршка на партнерство на општините со граѓанските здруженија

четврток, 08 февруари 2018

Градоначалниците на пет општини – Гостивар, Кавадарци, Куманово, Ресен и на Струмица и постојниот претставник на УНДП, Луиза Витон потпишаа меморандум за учество во Програмата за грантови за поддршка на партнерство на општините со граѓанските здруженија. Преку оваа програма ќе се финансираат приоритетни проекти за потребите на жителите на општините, со посебно внимание на ранливите и маргинализираните групи.

Во следните две години во секоја од овие пет општини УНДП ќе додели 120.000 евра за грантови преку јавни повици и конкурси. Првите повици за грантови се очекуваат да бидат објавени уште во март годинава, со приоритет на проектите фокусирани на ранливите групи и на оние што промовираат родова еднаквост и човекови права, како и зајакнување на социјалната кохезија и заштита на природата.

Петте општини се избрани врз основа на поголем број утврдени критериуми, а како еден од условите за учество во програмата беше и обврската на Општината да обезбеди кофинансирање за грантовите и да гарантира транспарентност и отворен, конкурентен процес при финансирањето на граѓанските здруженија.
 

Содржината е прочитана 329 пати.