Инфо

Од 1 јуни директна авиолинија Варшава - Скопје

Летови на оваа линија ќе има секој ден освен во недела. Билетите се веќе во продажба преку Контакт-центарот на LOT, на интернет страницата www.lot.com и кај продажните агенти

петок, 09 февруари 2018

Од 1 јуни ќе биде воспоставена директна авиолинија Варшава – Скопје, најавија ТАВ Македонија и ЛОТ Полиш ерлајнс. Билетите се веќе во продажба преку Контакт-центарот на LOT, на интернет страницата www.lot.com и кај продажните агенти.

Директни летови меѓу главните градови на Полска и Македонија ќе има секој ден освен во недела и на нив ќе сообраќаат Ембраер воздухоплови.

Авионите на LOT ќе полетуваат од аеродромот „Шопен“ во Варшава секој понеделник, среда и петок во 10,35 часот, а ќе слетаат во Македонија во 12,40 часот. Летовите, пак, од Скопје за Варшава ќе бидат во 13,20 часот. Во вторник, четврток и во сабота од Варшава ќе се полетува во 14,25 часот, а на скопскиот аеродром ќе се пристигнува во 16,30 часот. Во иве денови од Скопје ќе се поаѓа во 17,10 часот, додека слетувањето во Варшава треба да биде во 19,15 часот.

Распоредот на летовите е креиран за патниците кои патуваат од Скопје да имаат пристап до брзи конекции од аеродромот „Шопен“ во Варшава до дестинации во САД, Канада и Западна Европа.

Директорот на корпоративни комуникации и портпарол на LOT, Адриан Кубицки изјави дека Скопје е нова дестинација во понудата на авиокомпанијата, бидејќи Македонија е сé попопуларна кај туристите

„Нашите патници штотуку добија можност да се запознаат со различните туристички вредности на таа неверојатна земја. Сигурен сум дека многумина ќе ја искористат оваа можност уште ова лето“, вели Кубицки.

Од ТАВ Македонија очекуваат оваа авионска линија да се покаже како многу успешна.

„Со ова полските туристи ќе имаат можност да ја посетат и да ја откријат Македонија, а во исто време и граѓаните на Македонија и на соседните земји ќе можат да патуваат со директна линија до Варшава и да ја доживеат Полска. Оваа авиолинија, исто така, ќе послужи за двете земји да ги зајакнат бизнис-врските, да се овозможи подобра комуникација со Источна Европа, како и трансатлантски летови до многу дестинации во светот кои се понудени од Варшава“, рече Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

 

Содржината е прочитана 699 пати.