Инфо

На пензискиот систем му е потребна сериозна структурна реформа за да биде одржлив

Институтот за економски истражувања Finance Think препорачува комбинирана реформа со постепен пораст на придонесите и постепено зголемување на старосната граница

петок, 09 февруари 2018

Пензискиот систем треба да претрпи сериозна структурна реформа со комбинација на постепен пораст на придонесите и постепено зголемување на старосната граница, со цел финансиски да се консолидира во следните пет до 10 години, да се преполови дефицитот во Фондот и да се зголемат заштедите во централниот буџет, препорачуваат од Институтот за економски истражувања Finance Think.

Оттаму појаснуваат од направените три симулации на сценарија, како најповолно се покажало она кое предвидува реформа преку комбинирани мерки од пораст на стапката на придонеси и на границата за пензионирање. Притоа порастот треба да биде скалест и постепен, а поместувањето на старосната граница да води сметка да има поволности или подоцнежното пензионирање да биде доброволно за вработените во трудово интензивните сектори и за оние со стаж поголем од 35 години. Комбинираната реформа би значела пораст на стапката на придонеси за два процентни поени веднаш од 18 на 20 проценти и дополнителен еден процентен поен по десет години, додека зголемување на границата на пензионирање за една година после пет години и за дополнителна една година после 10 години, вклучително и семејна и пензија од бенефициран стаж. Трошокот од порастот на придонесите треба да се подели помеѓу работодавачот и работникот.

Според анализата, првите ефекти од реформата би се почувствувале веднаш, а фискалните заштеди на годишна основа би се движеле од 10 до 193 милиони евра до 5 години, и до 400 милиони евра до 20 години.
 

Содржината е прочитана 359 пати.