Инфо

Инвестицијата од 45 милиони евра од концесионерот „ТАВ“ ќе се вложат во градинки, училишта, инфраструктура

Премиерот Зоран Заев на средбата со турските бизнисмени истакна дека Владата е силно определена за интензивирање на економската соработка со Турција

понеделник, 12 февруари 2018

Парите во висина од 45 милиони евра, колку што изнесува инвестицијата од концесионерот на аеродромот во Скопје, групацијата „ТАВ“, ќе бидат вложени во значајни проекти за граѓаните на нашата држава. Ова го истакна премиерот Зоран Заев, кој на почетокот на дводневната посета на Турција се сретна со претставници на „ТАВ“.

На средбата, на која Заев беше во придружба на министерот без ресор, Аднан Ќахил присуствуваа главниот менаџер на „ТАВ“, Мустафа Сани Шенер, заменик менаџерот Серкан Каптан и генералниот менаџер на „ТАВ Македонија“, Алп Ер Тунга Ерсој.

„Станува збор за инвестиции во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и во локални и регионални патишта, она што им е реално потребно на нашите граѓани. Јас сум искрено задоволен што од оваа инвестиција директна полза ќе почувствуваат граѓаните на Република Македонија“, рече Заев.

Претставниците на турката компанија изразија благодарност до премиерот и новата Влада за добрата соработка, потенцирајќи дека со задоволство ќе го реализираат склучениот договор.

„Со самото тоа што посетата на Република Турција ја започнавме синоќа, веднаш по доаѓањето со вечера со турските бизнисмени, покажуваме дека сме силно определени да ја интензивираме добрата економска соработка меѓу двете држави“, додаде Заев.
 

Содржината е прочитана 302 пати.