Инфо

Со автопатот Приштина-Скопје ќе се зголеми трговската размена меѓу Македонија и Косово

На средбата на министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши со косовскиот министер за иновации и претприемништво, Бесим Бечај биле изнесени конкретни идеи и предлози за зајакнување на соработката

четврток, 15 февруари 2018

Економската соработка меѓу Македонија и Косово, трговската размена меѓу двете држави и соработката на полето на инвестициите биле главните теми на кои се разговарало на средбата меѓу министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши и косовскиот министер за иновации и претприемништво, Бесим Бечај. Од Министерството за економија информираат дека биле изнесени и конкретни идеи и предлози што би придонеле за зајакнување на соработката во корист на деловната заедница во двете држави.

„На колегата Бечај му ги претставив мерките од Планот за економски раст на нашата Влада, кој ги дефинира главните политички приоритети за претстојниот период и со кој се очекува зголемување на приватните инвестиции, на вработеноста, на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионалната економска соработка и подобрување на благосостојбата на граѓаните. За меѓусебната соработка со Косово, со мерките од Планот посебно очекуваме ефекти во делот на инвестиции и на регионалната соработка, што ќе биде од корист за двете земји“, изјавил министерот Бектеши по средбата.

Тој го информирал својот косовски колега и за проектот за изградба на автопатот Скопје-Блаце, за кој на последната владина седница беше презентиран Акционен план со утврдени термини за реализација, а според проекциите, активностите на оваа делница долга 12 километри треба да почнат во 2019 година и да бидат финализирани до крајот на 2022 година.

Бектеши додал дека билатералната трговска соработка со Косово лани била зголемена за 11,4 отсто во однос на 2016 година.

Министерот за иновации и претприемништво на Косово, Бесим Бечај рекол дека економските односи со Македонија се одлични. Според него, изградбата на автопатот од Приштина до Блаце и од Блаце до Скопје ќе придонесе за зголемување на трговската размена и на протокот на луѓе и стоки меѓу двете земји.
 

Содржината е прочитана 380 пати.