Инфо

НБРМ: Економијата закрепнува, носители индустријата и трговијата

Податоците за девизните резерви во минатиот месец покажуваат раст, што во најголем дел се должи на издавањето на шестата еврообврзница

четврток, 15 февруари 2018

Македонската економија во последниот квартал од минатата година продолжила да закрепнува со нешто подобро темпо споредено со третиот квартал, оценува Народната банка на Република Македонија. Според НБРМ, позитивни остварувања има во индустријата и трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува.

На вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, разгледувајќи ги најновите остварувања во домашната економија во контекст на макроекономските проекции од октомври минатата година, било заклучено дека економските основи се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Констатирано е и натамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и солидната динамика на депозитен раст.

Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за годинава од два процента се оценети како урамнотежени.

Според НБРМ, податоците за девизните резерви во минатиот месец покажуваат раст, што во најголем дел се должи на трансакциите за сметка на државата како резултат на издавањето на шестата еврообврзница на меѓународните финансиски пазари. Тие движења кај девизните резерви главно се во рамки на очекувањата, така што показателите на адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Во отсуство на понови податоци за билансот на плаќања за 2017 година и понатаму останува констатацијата за можност за остварување помал дефицит на тековната сметка и нешто пониски нето-приливи во финансиската сметка од очекуваните, соопштува НБРМ и укажува дека на крајот на минатата година на кредитниот пазар е забележано и одредено забрзување кај кредитирањето на корпоративниот сектор.

На девизниот пазар, поволните движења од крајот на декември минатата година, коишто се карактеризираа со зголемена понуда од менувачниците, продолжиле и на почетокот на јануари годинава, придонесувајќи банките да откупуваат девизи во трансакциите со сите клиенти на нето-основа, поради што дел од вишокот ликвидност го насочиле кон Народната банка, којашто откупила пет милиони евра.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 244 пати.