Инфо

Официјализирани новите имиња на скопскиот аеродром и на автопатот кон Грција

Во „Службен весник“ се објавени одлуките со кои аеродромот се преименува во „Меѓународен аеродром Скопје“, а автопатот во „Пријателство“

четврток, 15 февруари 2018

Аеродромот во Скопје и автопатот од Табановце до границата со Грција и официјално ги добија новите имиња откако вчера во „Службен весник“ беа објавени одлуките на Владата за преименување на аеродромот „Александар Велики“ и на автопатот „Александар Македонски“.

Аеродромот сега се вика „Меѓународен аеродром Скопје“ или во транскрипција, испишано на англиски јазик „International Airport Skopje“, а автопатот е именуван како „Пријателство“.

Одлуката треба да биде доставена до Министерството за транспорт и врски, до „ТАВ Македонија“ ДООЕЛ Скопје и до АД за аеродромски услуги ,,Аеродроми на Македонија“ за спроведување активности што произлегуваат од нејзиното реализирање.

Од ЈП за државни патишта за МИА потврдија дека ја добиле одлуката за преименување на автопатот. Директорот Зоран Китанов вели дека претпријатието ќе пристапи кон нејзина реализација и 19 сообраќајни табли со сегашното име ќе бидат заменети со други на кои ќе биде испишано новото име на автопатот.
 

Содржината е прочитана 357 пати.