Инфо

Првиот електричен автобус ќе почне да вози во Скопје од април на линијата број „15“

Градот и израелската компанија „Чериот моторс“ потпишаа договор за шестмесечно пробно возење на електричниот автобус, кој потоа ќе им биде понуден на ЈСП и на приватните превозници да го купат

петок, 16 февруари 2018

Град Скопје и израелската компанија „Чериот моторс“ потпишаа договор за пробно користење на еден електричен автобус. Почнувајќи од април, па во наредните шест месеци автобусот ќе сообраќа на линијата со број „15“ на ЈСП на релација Ново Лисиче - Карпош 4 и обратно, односно, по вообичаената траса по булевар „Јане Сандански“, булевар „Кочо Рацин“, улица „Димитрие Чуповски“, булевар „Партизански одреди“ и улица „Московска“ и обратно.

„Станува збор за енергетски ефикасен автобус што троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е што воопшто нема емисија на издувни гасови кои го загадуваат воздухот“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов

На почетните, односно крајните постојки во Ново Лсиче и во Карпош 4 ЕВН постави станици за полнење на автобусот со струја.

По истекот на пробниот период електричниот автобус, во кој може да се превезуваат до 85 патници, ќе биде понуден на ЈСП и на приватните превозници да го купат. Шилегов потецираше дека во годинешниот буџет се предвидени средства за субвенции за ЈСП за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари и 20 милиони денари за приватните превозници.

Претставниците на „Чериот моторс“ објаснија дека израелската компанија за производство на електрични автобуси, која е со седиште во Софија, во соработка со кинеската компанија „Хајгер“ произведува 76 автобуси на ден. Нивните автобуси веќе сообраќаат по улиците на Белград, Грац, Тел Авив, а наскоро ќе ги има и во Мадрид и Салцбург.
 

Содржината е прочитана 878 пати.