Инфо

Нов закон за буџети ќе биде донесен до крај на годината

Законот ќе овозможи планирање на буџетите во среднорочна рамка и можност за воведување фискален совет

понеделник, 19 февруари 2018

Нов закон за буџети ќе биде донесен до крајот на годинава и со него буџетите ќе се планираат во среднорочна рамка, а ќе се создадат и услови за воведување фискален совет.

Ова го најави министерот за финансии Драган Тевдовски на првиот состанок на Советот за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021, кој претставува координативно тело задолжено за следење на реформите. Програмата е прва сеопфатна стратегија од областа на управување со јавните финансии.

„Законот за буџети ја дава рамката за управување со јавните финансии во земјата. Со него се регулира целокупниот буџетски процес, вклучувајќи ги главните учесници во буџетскиот процес, постапката за подготовка и усвојување на Буџетот, извршувањето на Буџетот и завршната сметка, управувањето со буџетските распределби на средствата и подготовката на Среднорочната фискална стратегија. Со новиот ревидиран закон за буџети ќе се направат промени во насока на поставување на среднорочна рамка во која ќе се планираат годишните буџети“, рече Тевдовски.

Реформите во Програмата за управување со јавните функции 2018-2021 треба да придонесат за постигнување на 7 приоритети: подобрување на фискалната рамка преку унапредување на проектирањето, подобрување на наплатата на приходи и истовремено поедноставување и подобрување на услугите на надлежните институции, унапредување на процесот на планирање и буџетирање, подобрување на извршувањето на буџетот, зголемување на транспарентноста, зголемување на внатрешната контрола во институциите, како и на надворешната контрола и парламентарниот надзор.
 

Содржината е прочитана 269 пати.