Инфо

Македонија за прв пат организирано ќе извезува знаење и стручност

Во Стопанската комора на Македонија е формиран Клуб на експерти кој потпиша спогодба за соработка со швајцарската консултантска компанија „АФ консалтинг“

вторник, 20 февруари 2018

Македонија за прв пат ќе извезува знаење и стручност на организиран начин и тоа со посредство на швајцарската консултантска куќа „АФ консалтинг“. За таа цел во Стопанската комора на Македонија е формиран Клуб на експерти и консултанти, кој денеска потпиша Спогодба за соработка со „АФ консалтинг“

Како што појасни претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, експертите можат да аплицираат во регистерот што го подготвува Комората, кои зависно од специјалноста за потребите на одредени проекти, главно енергетски, индустриски и транспортни ќе бидат ангажирани од оваа или од други меѓународни консултантски куќи.

„Извезувањето умови од Македонија на овој начин ќе биде организирано. Можеби нема да се снајдеме најдобро, бидејќи ни е прв пат, но ќе научиме од искуството. Ова на Македонија ѝ недостасуваше, и добро е што имаме поддршка од ‘АФ консалтинг’“, рече Азески.

„АФ консалтинг“ е една од водечките светски консултантски компании со фокус на енергетиката и инфраструктурата со повеќе од 1.500 тековни проекти во областа на индустријата во над 75 земји.

„Главно ќе бидеме насочени кон меѓународниот пазар со што ќе се обезбеди македонските експерти да бидат видливи на меѓународниот пазар. Работиме и на локалниот пазар преку нашата канцеларија во Македонија“, рече Хубер Хост, потпретседател на „АФ консалтинг“ по потпишување на меморандумот за соработка.

Директорот на македонската канцеларија на „АФ консалтинг“, Никола Битрак истакна дека компанијата веќе има список со 1.000 експерти од земјава и од регионот, но оти истиот ќе биде дополнет со нови имиња. Тој појасни дека се бараат експерти со искуство во подготовка на проекти, со познавање англиски јазик, со искуство во имплементација на проекти.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, пак, рече дека овој настан треба да ја предодреди Македонија како држава која се повеќе ќе биде препознавана во сферата на индустријата и на високите технологии, а се помалку во областа на ниско продуктивните дејности.

„Потребно е колку што може повеќе да вградуваме интелектуален труд во нашите производи со повисока вредност, или нашиот интелектуален труд да биде вреднуван секаде во светот. Формирањето на овој Клуб е исчекор во таа насока. Македонија долго време беше препознавана како земјоделска земја од која се извезуваат вино и храна, а многу малку по висококвалитетни индустриски производи. Консултантите, научната фела и стручната јавност се тие кои треба да го направат тој исчекор во економијата“, рече Анѓушев.
 

Содржината е прочитана 414 пати.