Инфо

Во Словенија просечна плата лани била 1.062 евра, а во Македонија 377 евра

Според последните официјални статистички податоци, највисока просечна плата во регионот по Словенија имала Хрватска – 835 евра, а пред Македонија е Босна и Херцеговина со просчена плата од 440 евра

среда, 21 февруари 2018

Последните официјални статистички податоци за минатата година покажуваат дека највисоки просечни плати во регионот се исплатени во Словенија и во Хрватска, а најниски во Македонија и во Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA). Веќе со години наназад Словенците со плата од над 1.000 евра се најплатени на Балканот, додека Македонците со помалку од 400 евра се на дното на листата.

Имено, според податоците од Бирото за статистика на Словенија, на крајот на 2017 година просечната нето плата во оваа држава изнесувала 1.062 евра, што претставува номинално зголемување од 3,1 проценти, а реално за 1,7 отсто во однос на 2016 година. Платите пораснале и во приватниот и во јавниот сектор во Словенија.

На второ место се наоѓа Хрватска со просечна плата во 2017 година од околу 6.190 куни, или 835 евра, што претставува пораст од 6,6 проценти на годишно ниво.

По двете балкански држави кои се веќе членки на ЕУ, следува Црна Гора во која, според најновите податоци на тамошниот Завод за статистика, просечната плата во декември 2017 година изнесувала 512 евра. Тоа претставува раст од 0,6 проценти во однос на истиот месец претходната година.

Во Србија, пак, просечната нето плата во декември лани изнесувала 54,344 динари, односно 459 евра, што е номинално и реално зголемување од 14,2 проценти во однос на претходниот месец, додека во Босна и Херцеговина просечната нето плата исплатена во декември била 862 КМ или 440 евра и е номинално повисока за 0,6 проценти во однос на претходниот месец, а за 1,1 отсто повисока во однос на декември 2016 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика на Македонија, во ноември 2017 година била исплатена просечна нето плата во висина од 23,196 денари, односно 377 евра и со тоа нашата држава повторно се најде на дното на листата.
 

Содржината е прочитана 382 пати.