Инфо

Исцрпени се средствата за субвенционирање печки на пелети за годинава

За надоместување на дел од парите при купување печки на пелети, како прва од мерките предвидени во Програмата за промоција на обновливи извори на енергија, се издвоени 14 милиони денари за 2018 година

среда, 21 февруари 2018

Исцрпени се средствата предвидени во Буџетот за 2018 година за надомест на дел од трошоците за купување печки на пелети за домаќинствата. Од Министерството за економија информираат дека за оваа мерка се изводени 14 милиони денари.

Како што е познато, субвенционирањето печки на пелети е прва од мерките предвидени во Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година, со вкупен буџет од 50 милиони денари. Со неа треба да се стимулираат граѓаните да ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или на мазут и да користат обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени.

Со оваа мерка на оние кои купија печки на пелети, по објавување на јавниот повик на 31 јануари 2018 и аплицираа со потребните документи, ќе им биде надоместен дел од трошоците за купување на печките до 50 отсто, но не повеќе од 500 евра по домаќинство. Надоместокот се доделува по принципот „прв дојден прв услужен“ до целосно исцрпување на средствата, по што ќе бидат изготвени решенијата за исплата. Листата на граѓаните кои добиле надомест ќе биде објавена на веб страницата на Министерството за економија.

Од Министерството потсетуваат и дека во Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година има уште две мерки со иста цел: надоместување на дел од трошоците за замена на старата столарија со нови ПВЦ или алуминиумски прозорци, за што се обезбедени 30 милиони денари и надомест за купен и вграден соларен колектор, мерка што се спроведува веќе 9 години и за која годинава се обезбедени 6 милиони денари. Овие мерки ќе станат активни во март, со објавување на огласите за нив.

 

Содржината е прочитана 286 пати.