Инфо

„Екогерила“: „Преполовен бројот на болни деца откако не работи ‘Југохром’“

Од еколошката организација се повикуваат на податоците на Институтот за јавно здравје според кои во 2015 година во Полошкиот регион имало 31.446 деца со респираторни болести, а во 2017 тој број бил 18.578 болни деца

среда, 21 февруари 2018

Преполовен е бројот на деца со распираторни болести во Полошкиот регион откако не работи „Југохром“. Од еколошкото друштво „Екогерила“ информираат дека податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека од 31.446 болни деца на возраст од 0 до 6 години, колку што биле регистрирани во 2015 година, бројката е сведена на 18.578 во 2017 по затворање на фабриката.

„Според официјалните мерења на Министерството за животна средина, ‘Југохром’ предизвикала 60 отсто од загадувањето во Тетово и околината, со што градот стана еден од најзагадените во Европа, според Светската здравствена организација. За време на работата на фабриката годишниот просек на ПМ10 изнесуваше 145 микрограми на кубен метар воздух, а со нејзино затворање просечното загадување во 2017 година паѓа на 61 микрограми. Тетово беше европски шампион во загадување, а денес е на 7. место во Македонија“, објави „Екогерила“.

Повикувајќи се на податоци на Институтот за јавно здравје, од „Екогерила“ укажуваат дека за две години двојно е намален бројот на заболени деца откако е затворен комбинатот. Сепак, како што велат мисијата на овие граѓански организации продолжува.

„Сега почнуваме со нова мисија – правна помош за граѓаните чиешто здравје е оштетено од ‘екоцид’ предизвикан од оваа фабрика. Во соработка со адвокати, правници и експерти за заштита на животната средина ќе им помогнеме на сите оштетени граѓани да поднесат тужби за да ја надоместат предизвиканата штета. Исто така, ќе поднесеме кривична пријава за оние кои ја дозволија и ја предизвикаа оваа бавна смрт на граѓаните на Тетово и пошироко“, велат од „Екогерила“.

Оттаму ги поздравуваат кривичните пријави против поранешните директори на РЕК Битола кои, како што велат, со своите постапки ги загрозувале здравјето и животната средина на граѓаните. Потенцираат дека иста одговорност треба да се бара и за оние кои дозволиле да биде загрозен животот на луѓето во Полошкиот регион.
 

Содржината е прочитана 455 пати.