Инфо

Многу пари ќе одвои државата годинава за поддршка на земјоделството и сточарството

Дури 1,1 милијарда денари ќе добиат сточарите за одгледување на добитокот, а најголем дел од парите се наменети за одржување на стадата и за продаденото млеко. Субвенции има и за градинарите и за овоштарите

четврток, 22 февруари 2018

Вкупно 1,1 милијарда денари ќе одвои државата годинава за сточарите за одгледување на добитокот. Најголем дел од парите се наменети за одржување на стадата и за продаденото млеко.

Сточарите кои одгледуваат крави ќе добијат по 2.800 денари за животно, а дополнително можат да побараат субвенција од 1.500 денари за женски глави добиток кои не се постари од 12 до 24 месеци до октомври 2018 година и не произведуваат млеко. За предадено или заклано говедо во кланица, во периодот од мај 2017 до април 2018 година ќе добиваат по 1.500 денари.

Овчарите ќе може да добијат по 1.000 денари за секоја овца доколку имаат најмалку 30 глави овци, а за секое сочувано женско јагне по 700 денари. Истите сувенции важат и во козарството, но условот е фармерите да имаат стадо од најмалку 10 кози.

За кравјото млеко, пак, што ќе се предаде во регистрирани преработувачки капацитети, доплатата останува 3,5 денари за еден литар, додека за овчото и за козјото млеко се зголемува за половина денар и сега ќе изнесува 4 денари за литар.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе им дава субвенции на градинарите по четири основи. Оние кои произведуваат зеленчук на отворено и во пластеници на најмалку 0,2 хектари можат да добијат субвенција во висина од 30.000 денари, а за поголемите површини од 0,7 до 5 хектари по 36.000 денари по хектар.
За лубеници, дињи и тикви ќе се добиваат по 6.000 денари од хектар. 

Дополнителни директни плаќања ќе можат да добијат производителите на домати, пиперки, краставици и на режано цвеќе во оранжерии. Поддршка во висина од 99.000 денари по хектар е за производството продадено на домашен пазар или извезено во странство во периодот од 1 јануари до 15 мај оваа година. За зеленчукот предаден во конзервната индустрија од 26 декември 2017 до 25 декември 2018 година, се добива по 3 денари за килограм.

Производителите на декоративни и на брзорастечки садници, пак, ќе добијат субвенција во висина од 6.000 денари по хектар.

Субвенции ќе има и за овоштарите, кои државната поддршка ќе ја добиваат по три основи: за одржување на овоштарниците, за предаденото овошје во домашните преработувачки капацитети и за подигнување насади со нови сорти. Корисници на субвенциите се земјоделските стопанства кои имаат насадени површини од минимум 0,2 хектари. Највисоки се директните плаќања за јагоди одгледувани во контролирани услови и тие изнесуваат 99.000 денари по хектар. По 33.000 денари се добиваат за другите видови овошје, а за површини од 1 до 5 хектари поддршката е 39.600 денари за хектар.

Одгледувачите на дуњи, мушмули, калинки, смокви, бадеми и лешници добиваат од 25.000 до 30.000 денари во зависност од големината на површината, додека оние кои имаат ореви и костени, ќе добијат субвенции во висина од 15.000 до 18.000 денари за хектар.

За предаденото овошје во преработувачките капацитети директно или преку регистриран откупувач ќе се добиваат по 3 денари за килограм.

Овоштарите кои ја промениле сотата на овоштарникот во 2016 или во 2017 година имаат право на 9.900 или 7.500 денари за хектар во зависност од културата.
 

Содржината е прочитана 619 пати.