Инфо

Македонија на 107. место според индексот за перцепција на корупцијата

Ова е најлош пласман за нашата држава откако се мери индексот и претставува пад за цели 17 места од претходната 2016 година кога беше позиционирана на 90 место

четврток, 22 февруари 2018

Македонија се најде на 107 место според индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешенел“ во 2017 година и е најлошо рангирана од земјите од Западен Балкан. Ова е најлош пласман за нашата држава откако се мери индексот и претставува пад за цели 17 места од претходната 2016 година кога беше позиционирана на 90 место. За 2017 година Македонија има 35 поени, два помалку од претходната година. А, колку се поените поблиску до нула, толку е земјата покорумпирана.

Во конкуренција од 180 држави, најдобро рангирана од регионот е Словенија, која е на 34. место, Хрватска е на 57 место, Грција и Романија се на 59. место Потоа следува Црна Гора на 64. место. Бугарија е 71-ва, Србија е на 77. место, Турција на 81, Косово на 85. и Албанија се најде на 91 место.

Најдобро рангирана земја во светот е Нов Зеланд, а потоа се Данска и Финска, додека најкорумпирана е Сомалија, која се најде на последното 180 место на листата.

„Проблемот со корупцијата во Македонија и понатаму ескалира, а системот на заробена држава се уште опстојува, со што се оневозможува работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата. Државната комисија за спречување на корупцијата и натаму е немоќна да се справи со проблемите на судирот на интереси и контрола на имотната состојба на функционерите, Владата не успеа да го востанови долго најавуваниот принцип на индивидуална одговорност, а одговорните за корупцијата и натаму се заштитени и недопирливи “, вели Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешенел Македонија“.

Во извештајот уште се наведува и дека особено се вознемирувачки анализите кои покажуваат дека државите каде новинарите и невладините организации се најслабо заштитени, воедно имаат и најголема стапка на корупција.

Тасева потенцира дека доколку се направи многу силен исчекор, ако институциите, судовите, јавното обвинителство покажат дека се подготвени да се справат со корупцијата, тогаш Македонија онака како што паднала на листата за перцепција на корупцијата, така ќе може да покаже и подобрување.
.


 

Содржината е прочитана 264 пати.