Инфо

МЕПСО ќе гради четири нови далекуводи

Со реализација на овој проект вреден околу 14 милиони евра, ќе се добијат повеќе од 100 километри нова преносна мрежа

петок, 23 февруари 2018

МЕПСО распиша тендер за изградба на четири нови 110 киловолтни далекуводи со вкупна проценета вредност од околу 14 милиони евра. Со изградбата на овие далекуводи ќе се добијат повеќе од 100 километри нова преносна мрежа.

Далекуводите ќе се градат на постоечки траси што ги поврзуваат трансформаторските станици: Битола 1 – Прилеп, Скопје 4 – Велес, Штип – Овче Поле и Велес – Овче Поле. Сите овие далекуводи се постари од 50 години и се поставени на бетонско-армирани столбови. Новите далекуводи, пак, ќе бидат на челично-решеткасти столбови со нови проводници, овесна и спојна опрема и ќе бидат со поголема пропусна моќ, а новата опрема ќе ги сведе на минимум ризиците од испади. Планирано е градбата на овие далекуводи да заврши до крај на 2020 година.

„Започнавме инвестициски циклус вреден над 50 милиони евра за ревитализацијата и развој на преносната мрежа, со кој ќе дадеме силен импулс и за македонската економија затоа што директно или индиректно ќе бидат ангажирани домашни фирми и стручни профили“, рече Сашо Василевски, генерален директор на МЕПСО.

Овој голем инвестициски циклус започна пред шест месеци и во негови рамки, покрај последниот тендер за четири нови далекуводи, на почетокот на овој месец беа распишани уште два меѓународни тендера - за ревитализација на четири трафостаници со проценета вредност од околу осум милиони евра и за избор на изведувач за набавка и инсталација на нови системи за релејна заштита за потребите во трансформаторските станици на хидроцентралите „Глобочица“, „Шпиље“, „Вруток“ и „Тиквеш“.

 

Содржината е прочитана 281 пати.