Инфо

ЕБОР обезбеди 86 милиони евра за надградба на патната мрежа во Македонија

Ова е втора транша од проектот вреден 181 милиони евра, а ќе послужи за финансирање на надградбата на 400 километри регионални и локални патишта

вторник, 27 февруари 2018

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбедува 86 милиони евра за надградба на транспортната инфраструктура и зајакнување на регионалната интеграција на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Ова е втора транша од средствата за проектот вреден 181 милиони евра, а е наменета за финансирање на надградбата на 26 делови од македонската патна мрежа, која покрива над 400 километри од регионалните и локалните патишта во земјата.

„Ни претставува задоволство што придонесуваме во развојот на националната инфраструктура и во регионалната интеграција на Западен Балкан, која е круцијална за поттикнување на трговијата и развојот. Ова ќе донесе подобрување на секојдневното живеење на ѓраѓаните, овозможувајќи развој и раст на деловните активности“, изјави претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти.

Работите, како што соопштија од канцеларијата на ЕБОР во Скопје, ќе опфатат реконструкција на горниот слој и подслоевите од трасата со нов асфалт, како и замена на сообраќајната сигнализација, маркери на патот, кои се поставуваат по краевите и заштитни огради.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски истакнал дека обезбедувањето одржлива инфраструктура е една од нашите развојни приоритети и благодарение на соработката со ЕБОР, добро напредуваме во обезбедувањето подобар транспорт во земјата.

Во првата фаза на имплементација на овој проект се реализираа реформи во делот на одржување на патиштата, кои помогнаа во создавањето повеќе можности за соработка со компании во приватниот сектор.

Втората транша се надградува врз иницијативите од претходните проекти, и дополнително ќе ги олесни реформите во финансирање на патниот сектор. Дополнителни неповратни финансиски средства ќе се обезбедат за финансирање на техничката помош, што ќе помогне во зајакнување на финансиската одржливост на ЈПДП, вклучувајќи ревизија на постоечката тарифна методологија за формирање на износите на патарините.

Инвестицијата е делумно поддржана од Фондот на Централнo европската иницијатива (ЦЕИ), обезбеден од италијанската Влада од каде се обезбедуваат неповратни средства за финансирање на компонентата за техничката соработка, во рамки на проектот.

ЕБОР реализира проекти во Република Македонија од 1993 година и досега има инвестирано над 1,6 милијарда евра во над 100 проекти.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 330 пати.