Инфо

Нови 1.900 стечајци ќе добиваат паричен надомест од државата до пензионирање

Со измените се олеснуваат условите што се однесуваат на стекнување на правото на материјално обезбедување доколку работниот однос престанал во моментот кога се приватизирало претпријатието со доминантна сопственост на државата

среда, 28 февруари 2018

Владата вчера ги усвои измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, што ги предложи Министерството за труд и социјална политика. Според таканаречениот Закон за стечајци, што беше донесен во септември 2017 година, досега се издадени решенија на 2.732 стечајни работници, а со овие измени уште дополнителни 1.900 лица ќе имаат можност да добиваат месечен паричен надомест од државата до нивното пензионирање.

Со измените се олеснуваат условите утврдени со постојниот закон кои се однесуваат на стекнување на правото на материјално обезбедување доколку работниот однос престанал во моментот кога се приватизирало претпријатието со доминантна сопственост на државата.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска вчера појасни дека ова е под услов единствениот матичен број на субјектот да не е променет од моментот на засновањето на работниот однос во тоа претпријатие, до неговиот престанок.

Со цел да се овозможи поголем дел од стечајните работници да ги исполнат условите, поголема флексибилност е дадена со условот што се однесува на возраста што треба да ја има невработеното лице (најмалку 52 години за жени, а 55 години за мажи), така што таа сега се исполнува не од моментот на стапување во сила на постојниот закон, туку во моментот на поднесување на барањето за остварување на правото за материјално обезбедување.
 

Содржината е прочитана 319 пати.