МАКЕДОНИЈА

Законот кој беше донесен минатата година, а требаше да почне да се применува од почетокот на 2020 предвидуваше лиценци за сите пазарџии и забрануваше пензионери да продаваат

Владата вчера го усвои Предлог-законот за престанок на важноста на Законот за трговија на зелените пазари, јави владината прес служба. Тоа значи дека Законот за трговија на зелените пазари, кој беше донесен минатата година на иницијатива на група пратеници во Собранието, но имаше одложено дејство од почетокот на следната 2020 година нема воопшто да почне да се применува.

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави подготовка на нов закон во консултација со пазарџиите во кој ќе бидат вметнати нивните забелешки.

Бектеши рече дека анализите на Министерството за економија покажале дека од законското решение штета ќе имаат сите, а особено пазарџиите и оти затоа е предложено негово укинување.

„При предлагањето и донесувањето на овој Закон, Министерството за економија не беше воопшто консултирано. Министерството, врз основа на направените анализи, компаративни советувања и процени констатира дека досегашното искуство покажува оти одредбите од Законот за трговија на зелените пазари не се применуваат, а анализата на одредбите покажа дека натамошната примена на овој Закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари, што генерално ќе се одрази на сметководниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија“, рече Бектеши.

Одлуката на Владата ќе биде доставена до Собранието и се очекува законското решение да биде поништено по скратена постапка.

Законот за трговија на зелените пазари, меѓу другото предвидуваше сите кои продаваат на пазар да обезбедат лиценци од Комората на трговци, а на пензионерите им се забрануваше да продаваат на зелените пазари. Токму оваа одредба наиде на големи реакции од страна на пазарџиите кои се спротиставија на висината на надоместокот за лиценците, бидејќи, како што посочија со тој издаток ќе бидат изложени на дополнителни трошоци па нема да може да опстанат. Исто така тие забележуваа и на обврската лиценците да ги доделува само една комора.

Пазарџиите се задоволни од владината одлука, но сметаат дека и натаму има проблеми за кои мора да се дискутира. Пред се, за високите месечни закупнини за тезга и за условите во кои работат. Се надеваат дека со новото законско решение ќе се надминат и овие проблеми.