Обраќање

Обраќање на г-ѓа Лидија Трипуноска, генерален менаџер на Агенција МАРИЛИ

 

Во периодот што следува агенција „Марили“ ќе ги промовира новите изданија на Бизнис каталог на Р.С.Македонија 2020, како зимско и летно издание, а ќе се одржи и манифестацијата „Избор на топ 10 најуспешни жени менаџери од Р.С.Македонија“ по 24-ти пат.

Во Бизнис каталогот двете главни поглавја концепциски, содржински и дизајнерски ја опфаќаат суштината на македонскиот бит, од една страна, и најзначајниот аспект од економските движења, а тоа се инвестициите, од друга страна. Уметноста, модата и домашните и странските инвестиции се наша инспирација која најсоодветно ја претставуваме како спој меѓу културата и бизнисот и меѓу модата и бизнисот, што ги промовираме речиси четврт век во ова ексклузивно, единствено издание од ваков тип во нашата земја.

Значајната улога на жената во бизнисот како успешен менаџер, лидер и претприемач ја третираме со традиционалната манифестација посветена на успехот на жените менаџери, манифестација која регионално е со најдолга традиција на Балканот. Овој проект, секако, претставува стожер на промоцијата на успешните бизнис приказни на жените во нашата земја кои се пример за младите генерации, но и поттикнуваат нови идеи за развој на женското менаџерство и на женското претприемаштво.

Одејќи еден чекор понапред, агенција „Марили“ го формира и МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ, којшто оваа година ќе одбележи мал јубилеј – пет години од своето постоење, а кој ги поврза, пред се, жените менаџери од досегашните манифестации и им овозможи взаемна соработка, размена на идеи и искуства, едукации, работа на хуманитарни проекти и регионално поврзување со проекти од различен вид посветени на женското лидерство во бизнисот.

Сите овие проекти посветени на авангардната положба на жената во општеството се надополнети со тематскиот ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“, кој агенција „Марили“ ќе го одржи годинава по 6.пат, а е посветен на секоја современа жена која во брзото темпо на живеење мора да се грижи за своето здравје, нега и убавина. Современиот животен стил го градиме преку бројни едукации, предавања, дебати, работилници и информации преку изложбени штандови кои се дел од ДАМА-ДА. Секако, значајно место отстапуваме на врвните стучњаци од областите: медицина, фармација, дерматологија, козметологија, мода, здрава исхрана, личен развој, кариера...

Сите овие значајни содржини од Бизнис каталогот, од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, од тематскиот ден „ДАМА-ДА“ и од МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ се присутни на веб порталот на агенција „Марили“, кој е најдинамичниот проект поврзан со современата интернет комуникација надополнет со нашиот Фејсбук, фан страница и Инстаграм профил.

Со почит,
Лидија Трипноска
Генерален менаџер

Содржината е прочитана 5409 пати.