Инфо

Објавен јавниот повик за учество на 19. Биенале на македонската архитектура – БИМАС 2018

БИМАС 2018 ќе се одржи од 13 до 26 септември годинава во Музејот на град Скопје

вторник, 12 јуни 2018

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) објави јавен повик за учество на 19. Биенале на македонската архитектура – БИМАС 2018 што ќе се одржи од 13 до 26 септември оваа година во Музејот на град Скопје.

На БИМАС ќе бидат изложени проекти и реализации од областа на архитектурата, урбанизмот, внатрешната архитектура и дизајнот. Право на учество имаат архитекти, македонски државјани со завршен VII степен на образование и правни лица-фирми, коишто учествуваат со дела на архитекти, државјани на Македонија.

Вон конкуренција можат да учествуваат и странски државјани, односно архитекти со соодветно образование, но со дела изведени во Македонија.

Пријавниот лист и упатството за подготовка на пријавата можат да се подигнат секој работен ден од девет до 13 часот во канцеларијата на ААМ, на улица „Даме Груев“ 14а, Скопје, или да се добијат по електронска пошта. Рокот за пријавување на трудовите е најдоцна до втори јули годинава.

По рокот за пријавување, во согласност со Правилникот на БИМАС, селекторот на БИМАС 2018, архитектот Дејан Спасеновски ќе објави листа на селектираните трудови, по што на учесниците со прифатени трудови ќе им бидат доставени детални информации за пропозициите на форматот и за изгледот на трудовите кои ќе бидат изложени на големата изложба на БИМАС 2018, како и за изгледот и форматот на трудовите во печатениот каталог.

На БИМАС ќе се додели Голема награда за реализиран архитектонски објект, награда за реализирана внатрешна архитектура – ентериер, за реализиран индустриски дизајн, за урбанистички план или проект, награда за проект од областа на архитектурата, внатрешната архитектура и индустрискиот дизајн, како и специјална награда.
 

Содржината е прочитана 92 пати.