Инфо

Користењето на алтернативните горива ќе го намали загадувањето и ќе ја зголеми конкурентноста на економијата

Употребата на отпадот како гориво во индустријата е еколошко решение на проблемот со акумулирање и депонирање на отпадот и намалување на употребата на необновливите фосилни горива, беше речено на панел што ја организираа Центарот за почисто производство при Машинскиот факултет во Скопје и УНИДО – Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации

понеделник, 18 јуни 2018

Употребата на отпадот како алтернативно гориво во индустријата треба да се стимулира и во Македонија, бидејќи ќе донесе големи придобивки и за животната средина и за економијата на земјата. Од една страна се работи за решавање на проблемот со депонирање на отпадот, а од друга придонесува за одржлив развој.

Ова е еден од заклучоците на панел дискусијата посветена на употребата на алтернативните горива во Македонија што ја организираа Центарот за почисто производство при Машинскиот факултет во Скопје и УНИДО – Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации. На настанот учествуваа претставници на државните институции, компании и од невлaдиниот сектор, при што беа презентирани искуства и идејни проекти на ЕЛЕМ, Пивара Скопје, цементарница „Усје“ и на „Везе Шари“.

„Во науката е постигнат прилично јасен консензус за употребата на отпадот како гориво во индустријата, а особено за придобивките од тоа. Дефинитивно се работи за еколошко решение на проблемот со акумулирање и депонирање на отпадот и намалување на употребата на необновливите фосилни горива. На тој начин се поддржува концептот на развој на индустриите со ниски јаглеродни емисии и т.н. циркуларна економија, со што недвојбено се придонесува кон остварување на основните цели на одржливот развој“, рече раководителот на Центарот за чисто производство при Машинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Атанас Кочов.

„Една од целите на Директивата 98/2008 е да се сведе на минимум просторот за депонии, со тоа што ќе се применуваат технологии за обнова на материјали и енергија. Токму тоа се постигнува со примена на алтернативните горива, кои во дел се добиваат со селекција и соодветна подготовка на отпадот што досега само се складираше на депонии, а се создава во прехранбената, текстилната индустрија, земјоделството, но и во самите домаќинства“, објасни д-р Никос Николакакос од европската организација Cembureau со седиште во Брисел.

Инаку, алтернативните горива се употребуваат во развиените индустриски земји и членките на Европската унија повеќе од 15 години. За овој период развиени се современи технолошки решенија. кои овозможуваат нивна ефикасна употреба во индустријата, со што значително се намали потрошувачката на фосилни горива. Во овoј сегмент лидер е Германија, каде што употребата на алтернативни горива заменува и до 65 отсто од фосилните горива во индустријата. Користењето на отпадот како гориво им овозможи на развиените земји да го запрат ширењето на депониите и да создадат нови работни места во индустриските капацитети за подготовка и употреба на ваквиот вид горива.


 

Содржината е прочитана 54 пати.