Интервјуа

Млекара Здравје Радово храбро и сигурно го следи патот на успехот

Интервју со Радмила Чобанова Василевска, директор на Контрола на квалитет и развој во Млекара Здравје, говори за меѓународното признание Superior Taste Award добиено неодамна во Брисел, за новиот концепт на функционален јогурт „Бенефит“, за предизвиците со кои се соочува во својата работа, за трансферот од битолската млекарница во Млекара Здравје Радово

понеделник, 16 јули 2018

МАРИЛИ: Деновиве Млекара Здравје Радово во Брисел доби престижно меѓународно признание Superior Taste Award, освојувајќи пет Golden stars. Кажете ни нешто повеќе околу ова признание, кој го доделува и за кои производи Млекара Здравје доби златни ѕвезди? 
ЧОБАНОВА ВАСИЛЕВСКА:
Признанието го доделува iTQi - Меѓународниот институт за вкус и квалитет со седиште во Брисел, кој е водечка светска организација посветена на сертифицирање на вкус на храна и пијалоци.
Здравје Радово оваа година забележа голем успех на ова меѓународно оценување за квалитетот и добиено е престижното признание Superior Taste Award и тоа една награда за мешаното сирење, две за јогурт со 2,8% млечни масти, две за мешан кашкавал од Млекара Здравје.
Superior Taste Award e најценета награда во сегментот на прехрамбената индустрија во светот. Се доделува само на оние производи кои успешно ќе ги поминат слепите тестирања од страна на жирито, кое е составено од врвни светски шефови и сомелиери. Најбитни критериуми за оценување се вкусот, мирисот,текстурата и изгледот на производите.

МАРИЛИ: Што значи ова признание за Млекара Здравје воопшто, и дали на наградените производи полесно ќе им ги отвори вратите на странските пазари?
ЧОБАНОВА ВАСИЛЕВСКА:
Во многу силна конкуренција со меѓународни брендови од прехрамбената индустрија, добивањето на вакво престижно признание е само уште една потврда за извонредниот квалитет на нашите производи и можност за пробивање и препознавање на квалитетот на нашите производи и на странските пазари. Тоа е и мотив повеќе и понатаму да истражуваме и да развиваме нови вкусови и прозводи кои ќе ги задоволат барањата на нашите купувачи.

МАРИЛИ: Млекара Здравје Радово е компанија со голем потенцијал. Од каде го вршите откупот на млекото, со кого се соработувате?
ЧОБАНОВА ВАСИЛЕВСКА:
Млекара Здравје е партнерски поврзана со најголемиот земјоделски Комбинат ЗК „Пелагонија“ и наш најголем добавувач на сирово млеко се нивните фарми. Секојдневно откупуваме сирово млеко од тие фарми со европски квалитет. Тоа е она што не разликува од останатите млекарници во Македонија. Потврда за тоа се и резултатите за квалитет на суровото млеко кои ги добиваме не само од домашните акредитирани лаборатории, туку и од странство. За да добиете квалитетен и безбеден производ, најбитен критериум е квалитетот на суровината со која работите. Тоа е правило не само во млечната индустрија, туку во секој производствен капацитет. Тоа значи дека од самиот почеток сме чекор пред другите по патот на создавање квалитетен производ.

МАРИЛИ: Конкуренцијата во млечната индустрија е многу голема. Но, Млекара Здравје Радово е компанија која за 15-ина години прерасна во еден од водечките капацитети во државата. Дали пласирате производи и надвор од границите на Македонија и каде? Дали имате извоз и во ЕУ?
ЧОБАНОВА ВАСИЛЕВСКА: Храбро и сигурно Млекара Здравје го следи патот на успехот. Извозно сме ориентирани и нашите производи можат да се најдат на пазарот во Русија, Србија, Босна, Црна Гора, а од неодамна имаме позитивна препорака за добивање извозна дозвола за ЕУ.

МАРИЛИ: Производите на Млекара Здравје Радово се препознатливи по својот квалитет. Но, колку дизајнот на пакувањето, се разбира покрај квалитетот на самиот производ, влијае на пласманот?
ЧОБАНОВА ВАСИЛЕВСКА:
Самиот дизајн на производот е елемент на диференцијација во споредба со конкурентските производи, а со тоа станува и важен извор за добивање и одржување на конкуретска предност на пазарот.
Со желба да се понуди нова визуелна перцепција на стил, од неодамна производите на Здравје се спакувани во амбалажа со нов дизајн. Со новиот дизајн сакаме да испратиме порака дека се работи за македонско млеко спакувано во амбалажа со обележја од македонската традиционална носија. Потрошувачите знаат тоа да го препознаат и горди сме што Здравје Радово е македонски бренд кој го чувствуваат како свој.

МАРИЛИ: Што е тоа што како новина излегува од погоните на Млекара Здравје, кои се новите производи со кои компанијата се спротиставува на конкуренцијата следејќи ги современите текови на животот?
ЧОБАНОВА ВАСИЛЕВСКА: Полека го прифаќаме фактот дека нашите шанси на пазарот со млеко не зависат само од намалување на трошоците на прозводство и зголемување на профитит, туку во голема мера и од развојот и иновациите. Вложувањето во развој и новации е неопходно, бидејќи сегашниот пазар е многу динамичен.
Следејќи ги светските трендови храната да се доближи до лек, во Млекара Здравје дојдовме до идеја да развиеме нов концепт на функционален јогурт „Бенефит“. Овој производ содржи уникатна формула на три пробиотици, што го издвојува од останатите пробиотски јогурти кои се нудат на нашиот пазар. „Бенефит“ во себе содржи 109 живи, витални пробиотици кои со секојдневна консумција ја одржуваат рамнотежата на бактериите во дигестивниот тракт и се верни сојузници на добрите бактерии во борбата со лошите. Потврда за нивниот ефект има во многубројна клиничка документација. Со оваа уникатна формула на три пробиотици во комбинација со најквалитетното млеко од нашите фарми, Млекара Здравје им овозможува на купувачите да уживаат во вкусен производ кој се грижи за нивното здравје.
Млекара Здравје и натаму ќе го следи трендот „да се биде најдобар“. Цел на нашата компанија е и понатаму да произведуваме производи со додадена вредност и функционалност, а во интерес на здравјето на конзументите.

МАРИЛИ: Со какви предизвици се соочувате, од што зависи успехот на една компанија?
ЧОБАНОВА ВАСИЛЕВСКА:
Тајна за успех нема, а предуслов е континуирано и професионално надградување. Технологијата и управувањето се динамични процеси кои бараат следење во чекор со најдобрите, но, некогаш се бара да се биде и чекор пред нив. Тоа е и мисијата на Здравје и моја задача како менаџер во компанија која е лидер на пазарот со млеко.
Наш предизвик е и понатаму да градиме цврсти врски и лојалност со купувачите, а без притоа да бидеме нападни. Со емпатија, посветеност и со страст ќе продолжиме да ја градиме нивната лојалност кон нашиот бренд.

МАРИЛИ: Од Млекара Битола дојдовте на чело на секторот за управување со квалитет на конкурентската Млекара Здравје Радово. Сепак, со трансферот останавте во млечната индустрија. Дали таа е Ваш предизвик и зошто токму млечна индустрија? 
ЧОБАНОВА ВАСИЛЕВСКА:
Уште од моите школски денови имав јасна определба и желба да работам во производство на храна. Во таа насока и беше мојата едукација. Често пoтенцирам дека производството на храна е благородна работа. А, уште поголем е предизвикот со искуството кое го носам да можам да гaрантирам дека секојдневно на полица испорачуваме, пред се, безбедни, квалитени и вкусни млечни производи кои нудат уживање кај консументите. Напиливот на нови идеи и можноста за нивно креирање и реализирање, беше одлучувачко за мојот трансфер од Битолска Млекара во млекара Здравје.
За посебен предизвик го сметам преносот на знаење, менаџерското искуство и навиките во процесот на работење и управување со ситемите за квалитет. Со добра бизнис идеја, квалитетeн тим, креативност, иновативност, развој и квалитено портфолио, сигурно ќе го продолжиме континуираниот пораст на компанијта. Мојот сегашен професионален ангажман целосно ме исполнува, а работните обврски ги прифакам со големо задоволство.

 

Содржината е прочитана 1203 пати.