Интервјуа

Задоволството нa патниците е една од нашите главни цели

Интервју со Јигит Лачин, Координатор на аеродромите во ТАВ Македонија: „Кога ТАВ дојде на пазарот знаевме дека Македонија веќе има одличен потенцијал за развој на воздушниот транспорт, но без потребната инфраструктура не беше возможно да се открие вистинскиот потенцијал. Затоа, инвестиравме вкупно 120 милиони евра на двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, со цел Македонија да стане поатрактивна за нови авиокомпании и авиолинии“. Интервјуто се наоѓа и во новото летно издание на Бизнис каталог на Р.Македонија 2018

недела, 29 јули 2018

МАРИЛИ: Годинава четири нови сезонски летови беа отворени на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ - Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава. Ова е значаен пораст на бројот на авиолинии во рамки на само една сезона. Колку дестинации има моментално од охридскиот аеродром, ќе има ли дополнителни новини оваа година и дали очекувате значителен пораст на бројот на патници?
ЛАЧИН:
Како што забележавте, ТАВ Македонија има многуфрекфентна летна сезона на охридскиот аеродром оваа година. Истата беше отворена на 15 април, со првиот лет на новата авиолинија Истанбул-Охрид, на Onur Air. Проширувањето на мрежата на авиолинии продолжи со додавањето на Ајндховен (11-ти мај), Талин (2-ри јуни) и Варшава (4-ти јуни) како нови дестинации.
Со овие 4 нови сезонски летови воведени во 2018 година, како и со веќе постојните до Амстердам, Брисел, Тел Авив и Катовице, на аеродромот во Охрид има 8 сезонски авиолинии и 3 редовни авиолинии што сообраќаат во текот на целата година – Базел, Цирих и Лондон.
Од ноември 2018година, WizzAir ќе воведе нова редовна авиолинија на релација Охрид – Виена, која ќе сообраќа во текот на целата година.
Во првите шест месеци оваа година, од јануари до јуни, на аеродромот во Охрид имавме 64.109 патници, што претставува пораст од 14,9% на годишно ниво.
Со четирите нови авиолинии – Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава, како и Виена што ќе биде воведена во ноември, очекуваме 2018 година да заврши со значаен пораст на бројот на патници споредено со 2017 година, кога на охридскиот аеродром имавме 159.073 патници. Ако погледнеме од поголема временска дистанца, можеме да заклучиме дека бројот на патници во последниве 8 години е зголемен за 4 пати. Во 2009 г., пред ТАВ да го преземе работењето, на аеродромот во Охрид имаше 36.652 патници. 

МАРИЛИ: Кои се плановите за охридскиот аеродром да стане пофрекфентен и надвор од летната сезона, и што треба да се направи за аеродромот во Охрид да биде поконкурентен меѓу другите аеродроми во неговата категорија?
ЛАЧИН
: Благодарение на маркетинг-тимот на ТАВ Аеродроми, со седиште во Истанбул, којшто го промовира охридскиот аеродром и Охрид како туристичка дестинација на авиокомпании и на тур-оператори, аеродромот во Охрид се развива брзо во текот на изминативе 5 години. Како резултат на маркетиншката промоција на ТАВ успеавме да донесеме нови тур-оператори и нови авиокомпании на аеродромот во Охрид, како што се полските тур-оператори Рего Бис (Rego Bis) и Реинбоу (Rainbow), кои сообраќаат на авиолинијата Катовице-Охрид и Варшава-Охрид, турскиот тур-оператор Татилбудур (Tatilbudur) и турската авиокомпанија Онур Ер (Onur Air) - на авиолинијата Истанбул-Охрид, како и естонската Нордика (Nordica), која сообраќа на авиолинијата Талин-Охрид. Секако, како аеродромски оператор ја имаме поддршката на Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за туризам и Општина Охрид во сите наши напори да создадеме поголем пазар за охридскиот аеродром. Поради туристичкиот карактер на регионот крај Охридското Езеро, некако доаѓа природно аеродромот во Охрид да опслужува повеќе летови за време на летната сезона, што е всушност период од 7 месеци во годината, од април до октомври. Меѓутоа, ние целиме да имаме повеќе летови што ќе сообраќаат во текот на целата година, кои што ќе бидат со прифатливи цени и ќе ги привлекуваат патниците не само од Македонија, туку и од соседните држави околу Охридското Езеро. 

МАРИЛИ: На скопскиот аеродром годинава отворивте уште една нова авиолинија, Варшава-Скопје, со LOT Polish Airlines (ЛОТ Полиш ерлајнс). Колку дестинации има од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов и кои се вашите очекувања – ќе има ли влез на нови авиокомпании на пазарот во блиска иднина?
ЛАЧИН
: На 1-ви јуни оваа година, во соработка со ЛОТ Полиш ерлајнс ја воведовме новата авиолинија Варшава-Скопје, притоа воведувајќи ја Варшава како нова дестинација од скопскиот аеродром за прв пат. Двата главни града сега се поврзани со дневни летови, шест пати во неделата, што треба да понуди добра конекција за патувања не само меѓу Македонија и Полска, туку, исто така, да понуди и одлични воздушни врски за патниците од скопскиот аеродром, со некои од поголемите градови во Европа и САД, преку Варшава.
Моментално скопскиот аеродром е поврзан со38 дестинации, кои се опслужуваат од 13 авиокомпании.
Дестинациите се следниве: Барселона, Базел, Белград, Берлин, Братислава, Брисел, Будимпешта, Келн, Копенхаген, Доха, Дортмунд, Дубаи, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Хановер, Истанбул (двата аеродрома – „Ататурк“ и „Сабиха Гокчен“), Љубљана, Лондон, Малме, Малта, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Векше, Венеција, Виена, Варшава, Загреб и Цирих.

Авиокомпаниите се следниве:Wizz Air, Air Serbia, Qatar Airways, Fly Dubai, Turkish Airlines, Pegasus Airlines, Adria Airways, Czech Airlines, Austrian Airlines, LOT Polish Airlines, Croatia Airlines, Edelweiss, Germania Flug AG.
Понатаму, секое лето имаме различни чартер-летови од аеродромот во Скопје, кои ги поврзуваат луѓето со туристичките дестинации. Во летниот распоред на летови за 2018 година имаме чартер летови до следните дестинации: Анталија (Sun Express, Corendon, Pegasus Airlines), Измир (Sun Express), Малта (Air Malta) и Дизелдорф (TUI Fly).
Како ТАВ, ние секогаш се стремиме да поттикнеме и започнеме преговори со авиокомпании, со цел тие да почнат да летаат од двата аеродроми, но се додека не добиеме потврда од нивна страна, не би сакале да откриваме имиња на некои од потенцијалните нови авиокомпании на пазарот.

МАРИЛИ: ТАВ Македонија го продолжи трендот на зголемување на бројот на патници и летови и во 2017 година, надминувајќи 2 милиона патници на двата аеродрома. Кои се стапките на пораст на бројот на патници годинава и како очекувате да заврши 2018 година во тој поглед?
ЛАЧИН:
Од почетокот на оваа година до крајот на јуни, на аеродромот во Скопје имаме 976.851 патници, што претставува пораст од 21,4% на годишно ниво, додека бројката за двата аеродрома е вкупно 1.041.583 патници, или 21% годишен пораст.
Во првите 5 месеци од 2018 година, имавме вкупно 823.801 патници на двата аеродрома, со 19% пораст.
Како што може да се види, стапките на пораст на бројот на патници продолжуваат со двоцифрени бројки и во 2018 година. Очекуваме да го држиме истото темпо на раст во авиосообраќајот до крајот на годината. 

МАРИЛИ: Аеродромските операции се специфична дејност. Како координатор на аеродромите во ТАВ Македонија, одговорен сте за работењето на двата аеродрома. Што има ТАВ изменето и подобрено во рамки на целокупното аеродромско работење од својот влез на македонскиот пазар? Можете ли да наброите некои поголеми подобрувања досега? На што сте фокусирани во моментов, во однос на подобрување на процесите на работење кои би биле корисни и за авиокомпаниите и за патниците?
ЛАЧИН:
Знаевме дека Македонија веќе има одличен потенцијал за воздушен транспорт, но без потребната инфраструктура не беше возможно да се открие вистинскиот потенцијал.Затоа, инвестиравме вкупно 120 милиони евра на двата аеродрома и во Скопје и во Охрид за Македонија да стане поатрактивна за нови авиокомпании и авиолинии. Во меѓувреме, со соработката со Владата, со Агенцијата за цивилно воздухопловство, со локалните власти и со други засегнати страни, креиравме синергија што резултираше со значаен раст на бројот на патници и летови.
Нашите колеги во Македонија веќе имаа искуство и знаење во областа на авијацијата, ние само ги донесовме нашите вештини и знаења и нашето искуство од другите аеродроми со кои управуваме. Притоа, значително ја зголемивме ефикасноста и ова е најголемото подобрување на двата аеродрома покрај порастот на сообраќајот.
ТАВ Македонија учествува во анкетите за квалитет на аеродромските услуги на Меѓународниот Совет на Аеродроми (Airport Service Quality Survey by Airports Council International (ACI) ). Станува збор за светски позната и глобално воспоставена бенчмарк-програма за мерење на задоволството на патниците додека тие патуваат низ аеродромот. Скопскиот аеродром ја доби ASQ наградата за најдобар аеродром во Европа според квалитетот на аеродромските услуги во 2012, 2013 и 2015 година, во категоријата на аеродроми под 2 милиони патници. Програмата ASQ обезбедува алатки за истражување и управување со информациите, со цел подобро разбирање на ставовите на патниците и она што тие го сакаат во однос на производите и услугите на аеродромот. Со користење на оваа алатка, ние ќе продолжиме да ги следиме нашите операции и да нудиме решенија за потребите на нашите клиенти, бидејќи една од нашите главни цели е да обезбедиме најдобар можен квалитет на услуги за сите наши клиенти, па, можам да кажам дека нашиот фокус ќе биде задоволството на клиентите. 

МАРИЛИ: Во изминатиот период забележавме повеќе промени во терминалната зграда. Можете ли да ги наведете сите новитети, во поглед на подобра понуда за патниците?
ЛАЧИН:
На почетокот на јуни, нашата сестринска компанија BTA, одговорна за храна и пијалаци на аеродромот, отвори нова кафетерија во терминалната зграда – NeedStop. Идејата е да се збогати понудата и капацитетот за освежувања во зоната каде што патниците се движат пред да продолжат кон пасошка контрола. Претходно, нова кафетерија - Mini Cakes & Bakes беше отворена во зоната после пасошка контрола. ТАВ Македонија, како аеродромски оператор, заедно со нашите сестрински компании – BTA, ATU, TAV MOS и TAV Technologies, секогаш ги анализира потребите на патниците кои се менуваат и работи во насока на подобрување на аеродромските услуги. Задоволството на патниците е една од нашите главни цели.

МАРИЛИ: Работејќи во ТАВ Македонија, како Координатор на аеродромите, вие практично живеете во Македонија. Како ја доживувате нашата земја? 
ЛАЧИН:
Живеам во Македонија од 2010 година кога почнав да работам во ТАВ Македонија. Претходно работев на аеродромот „Есенбога“ во Анкара и на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул. Прво живеев во Охрид, 4 години, а потоа се преселив во Скопје во 2014 година. Имав можност да живеам во убавиот Охрид, но и во главниот град на Македонија. Срдечно ме прифатија и во двата града. Луѓето се многу пријателски расположени и подготвени да помогнат. Природата во Македонија е вчудоневидувачка и секогаш кога имам можност патувам, со цел да ги откријам убавините на природата и да ги пробам прекрасните локални кујни. Секојдневно, многу сум среќен, особено ако го земам предвид сообраќајот во Турција. Исто така, сакам да потенцирам дека добиваме поддршка од владините институции, од првиот ден на нашата работа овде. 

 

 

 

ЈИГИТ ЛАЧИН:
„Живеам во Македонија од 2010 година кога почнав да работам во ТАВ Македонија. Имав можност да живеам во убавиот Охрид, но и во главниот град. Срдечно ме прифатија и во двата града. Луѓето се многу пријателски расположени и подготвени да помогнат. Природата во Македонија е вчудоневидувачка, и секогаш кога имам можност патувам, со цел да ги откријам убавините на природата и да ги пробам прекрасните локални кујни.“

 

 

Мрежа на авиолинии од Меѓународен Аеродром Скопје:
• 38 редовни дестинации, опслужувани од 13 авиокомпании.
• 4 чартер дестинации, опслужувани од 6 авиокомпании.
Мрежа на авиолинии од охридскиот аеродром:
• 4 редовни авиолинии, кои се опслужувани преку целата година, од 2 авиокомпании.
• 8 сезонски дестинации, опслужувани од 10 авиокомпании.


 

Содржината е прочитана 431 пати.