Интервјуа

Студиските програми во БАС создаваат додадена и употреблива вредност на нашето општество

Интервју со д-р Даниела Карадаков, виш предавач, директор на Бизнис академија Смилевски – БАС во кое говори за 10-годишното постоење и новиот симбол на Академијата, за трите дејности на БАС сплотени во една, како и за нејзината посветеност на успешното раководење со оваа високообразовна институција

недела, 02 септември 2018

МАРИЛИ: БАС e една од првите самостојни високостручни школи во Македонија за професионални менаџерски вештини. Оваа година прославувате јубилеј - 10 години успешна работа. Кажете ни каков е интересот и колку студенти досега излегле од Академијата? 
КАРАДАКОВ:
Токму така, БАС е меѓу првите приватни самостојни високообразовни установи, особено во делот на високото стручно образование, конкретно во областа на оперативниот и стратегискиот менаџмент. Нашето десетгодишно постоење потврдува дека во Македонија постои потреба од високо стручно образование во областа на менаџментот. Ние, со нашите уникатни студиски програми, со нашата посебна методологија на работа, настава и практика, со нашиот отворен, фер и неформален пристап кон студентите, наставниците, соработниците и партнерите, создаваме додадена и употреблива вредност на нашето општество. Преку студиската програма на првиот циклус студии - Оперативен менаџмент - создаваме раководни кадри за средното ниво на менаџмент. На студиската програма на вториот циклус студии - Стратегиски менаџмент - создаваме професионална основа за заинтересираните стратегиски менаџери. Интересот е ограничен и специфичен, всушност, како што се и самите студиски програми. Со оглед на тоа, досега на БАС се запишале околу 1.200 студенти на првиот и на вториот циклус студии, а повеќе од половина од нив успешно го завршиле своето студирање и започнале или се унапредиле во својата кариера. 

МАРИЛИ: Во тек е процес на ребрендирање на заштитното лого на Академијата. Што претставува идејата за менување на логото по кое БАС е препознатлива веќе 10 години и што ќе кажува новиот симбол?
КАРАДАКОВ:
За подобрување потребни се промени. Во согласност со тоа и по повод 10-годишнината од постоењето Академијата одлучи да внесе свежина во својот изглед преку која ќе ја отслика филозофијата на својата работа. Новиот симбол индивидуално ќе комуницира со секого, во зависност од личната перцепција. Тоа што симболот ќе го поврзува конкретно со нас е сплотеноста на трите дејности на БАС во една: висока школа, ДЕТРА консалтинг и Институт за менаџмент. Самиот симбол ќе биде едноставен, јасен, модерен, адаптибилен и поврзан со историјата и со стилот на работа на БАС.

МАРИЛИ: Паралелно со јубилејот се случува и професионално преземање на раководењето со Академијата. Што ќе значи тоа за високата школа и дали новото раководство ќе воведе некакви промени во нејзиното функционирање?

КАРАДАКОВ: Моето раководење со Академијата започна пред шест години со пензионирањето на нашиот почитуван основач, проф. д-р Цветко Смилевски. За мене беше голем предизвик да заменам човек со такви вредности, со толкава посветеност, ентузијазам и харизма. Делумната професионализација значеше преземање мерки и активности што го регулираат работењето на Академијата. Целосната професионализација се реализира изминатава година, кога и другиот основач на Академијата, виш пред. м-р Горазд Смилевски, ми ја препушти функцијата генерален менаџер, па денес наедно сум и вршител на должност генерален менаџер на Академијата. Ваквите промени создадоа дополнителен предизвик за преземање на уште поцврсти и посигурни чекори кон исполнувањето на организациските цели и постигнувањето подобри резултати во работењето. Допрва нѐ очекуваат промени со ребрендирањето на Академијата, со преземањето активности за адаптирање на новите законски регулативи, со реакредитирањето и модернизирањето на постојните студиски програми, со реализирањето на започнатите и со новите проектни активности и сл.

МАРИЛИ: Од сопствениците на БАС добивте признание за успешно менаџирање. Освен што тоа е признание за Вашата досегашна работа, секако претставува и голем предизвик и обврска за во иднина. На што Ве обврзува ова признание?
КАРАДАКОВ:
Слободно можам да кажам дека за мене ова е второ признание што го добивам од БАС. Сигурно ќе ме прашате зошто? Првото признание го добив од колегите, членови на Наставничкиот совет на БАС, кои вторпат ми ја дадоа својата доверба и веќе втор мандат сум директор на оваа Академија. Успешноста на моето раководење со Академијата и остварувањето на замислата на основачите, на нивната зацртана мисија се потврди со оригиналното признание што го добив од нив за особена посветеност во оживотворувањето на мисијата на БАС. Секој би се чувствувал горд и среќен со вакво признание, но не само поради гестот и плакетата туку и поради тоа што сфаќате дека некој го следи и го вреднува вашиот труд, вашата посветеност, вашата желба за заеднички успех и напредок. Самото признание не значи дека сте го достигнале врвот во исполнувањето на целите, туку значи почеток на вашето ново искачување. За мене секое признание е само дополнителен предизвик за уште поголемо себеостварување и уште поголемо заемно докажување. Нормално, во целиот тој процес не сум сама и ништо не би направила кога тука не би биле моите колеги и соработници, моите партнери и студенти, како и огромната поддршка што ја добивам од основачите на БАС.

МАРИЛИ: До неодамна на сите топ раководни нивоа во БАС, односно на менаџерските позиции беа жени. Според Вашето мислење, што покажува тоа, дали поголема доверба кон жените и кон нивната умешност да се справуваат со предизвиците?
КАРАДАКОВ:
Претпоставувам дека основачите на Академијата сигурно доволно долго размислувале кого да го постават на менаџерските позиции на БАС. Јасно е дека мора да постои доверба и таа треба континуирано да се гради, да се создава, да се зајакнува. Сигурно, ако основачите ја немале таа доверба, немало да ме изберат мене или мојата замена. Според моето мислење, на изборот на менаџерските позиции не влијае само довербата туку влијаат и желбата, ставот, вештините и знаењата што ги има тој што ќе го прави тоа. Сметам дека во нашиот случај имаме сплет на доверба, професионализам, посветеност и експертиза, па случајно е направен изборот БАС да го водат жени менаџери. Мојата образовна квалификација е доктор по менаџмент во образование, така што моето образование и стекнатите вештини во таа област, како и во областа на менаџментот на човечки ресурси, каде што ја развивам својата експертиза, ми помагаат во реализирањето на зацртаните организациски цели. Всушност, без разлика каков е полот на тој што раководи со одредена организација, предизвиците, можностите, ограничувањата, ризиците се исти за секого, само се различни начинот на нивно искористување и надминување, количеството знаење, вештини и компетенции, а тоа ќе создаде и различни резултати. 

МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена менаџер во една приватна висока стручна школа? Од каде ја црпете енергијата?
КАРАДАКОВ:
Да се биде жена е благословено, да се биде менаџер е достигнување, а за мене е успех во исто време да се биде жена, менаџер, пријател, колега, ќерка, сопруга и мајка. За ова прашање ќе го цитирам Платон кој рекол: „Ако сакате да создадете нешто големо, вложете го целиот живот во тоа“. Јас навистина ја сакам својата работа и целосно сум вложена во неа. Се обидувам да ги искористам сите мои потенцијали во корист на тоа што го правам и го работам. Постојано се надградувам со цел во секој нареден потфат да бидам подобра во својата изведба. Кога го чувствувате задоволството од тоа што го правите, енергијата ви доаѓа сама, ентузијазмот ве напаѓа и ве следи успехот. Мојата посветеност се изедначува со исказот на Никола Тесла: „Да, вистина е дека секогаш преземам повеќе од тоа што може да го остварам“ и горда сум на тоа, на мојата самоиницијативност, на мојот професионализам и на синергијата што ја правам наоколу. Сепак, во животот истовремено остваруваме повеќе улоги, се обидувам да го балансирам делот што му припаѓа на секој, а најмногу мојата љубов и посветеност да ја почувствуваат моите најголеми енергизери во животот, мојата ќерка и мојот сопруг.

 


 

Содржината е прочитана 474 пати.