Бизнис вести

„Епл“ укажа дека нивните производи ќе поскапат со воведување на царината за Кина

Во отвореното писмо што компанијата го испрати до американските власти се наведува дека царините ќе влијаат на домашните цени на поголемиот број од производите на „Епл“ кои доаѓаат од Кина

понеделник, 10 септември 2018

Највредната американска компанија „Епл“ соопшти дека би можела да има проблеми поради воведувањето царина на производите од Кина, кои би влијаеле на зголемување на цените на нејзините производи на пазарот во САД.

Американскиот претседател, Доналд Трамп се бори за враќање на производството на американско тло со воведување царини за увоз од Кина и притоа се обидува да ги принуди компаниите да вработуваат Американци.

Откако беше најавено дека ќе САД ќе воведе 25 отсто царина на производите од Кина, што ќе влијае на увозот за околу 200 милијарди долари, „Епл“ им пиша отворено писмо на властите во кое се наведува дека последиците од тоа ќе ги трпат американските граѓани, кои на крајот ќе го платат цехот од царините, бидејќи ќе се зголмат домашните цени на поголемиот број од производите на „Епл“ кои доаѓаат од Кина. Компанијата ќе ги зголеми цените и на разни други компоненти и додатоци кои ги користат во своите американски погони. Во писмото се наведува дека од компанијата зависат работите на околу 2 милиони Американци. Исто така зголемувањето на цените на производите од Кина ќе ја направи „Епл“ помалку конкурентна на домашниот и на странскиот пазар.

Трамп веднаш одговори на писмото советувајќи ја компанијата да почне да гради фабрики во САД наместо во Кина и дома да го премести целото производство.

„На тој начин би имале нулта стапка на царина, па дури и даночни олеснувања“, вели Трамп во пораката што преку Твитер ја упати до „Епл“.
 

Содржината е прочитана 25 пати.