Култура

Успешен солистички концерт на виолинистката Ева Богоевска во Американската катедрала во Париз

Младата македонска виолинистка пред околу 400 посетители се претстави со дела од Моцарт, Бетовен, Сен Санс. Пијано соработник на концертот беше реномираната пијанистка Весна Ангелова Христов

вторник, 11 септември 2018

Нашата виолинистка Ева Богоевска минатата недела одржа успешен солистички концерт во Американската катедрала во Париз, која е реномирана адреса специјализирана за настапи на класична музика.

Пијано соработник на концертот беше реномираната пијанистка Весна Ангелова Христов. Пред околу 400 посетители меѓу кои беа и францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, како и нашата амбасадорка во Франција, Јадранка Чаушевска Димов, Богоевска се претстави со дела од Моцарт, Бетовен, Сен Санс.

Наредниот ден амбасадорката Чаушевска Димов приреди прием за уметниците во нашата амбасада во Париз.

Солистичкиот концерт на Ева Богоевска во Париз се реализираше со поддршка од Министерството за култура на Македонија. На сцената таа и овој пат настапи во креација од македонската реномирана креаторка Антонија Ристовска.

Ева Богоевска е родена на 27.10.1999 година во Скопје. Нејзиниот музички талент доаѓа до израз уште од најрана возраст, на самите почетоци на нејзината музичка кариера кога победува на Меѓународниот фестивал за класична музика „Охридски бисери“ по што добива покана за два концерта во Братислава, Словачка. 

На само 16 години се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко. Таа е најмлад студент во државава. Од 2017 година Богоевска е член на FAMES film orchestra каде снима филмска музика и учествува во многубројни проекти меѓу кои и во проектот кој минатата година се реализираше во Дубаи.

Како претставник на Македонија и донесе повеќе први меѓународни награди и признанија на својата држава. Меѓу нив позначајни се: Прва награда на фестивалот Сан Ремо-Јуниор во Италија во 2012 година, потоа Лауреат од прв степен на реномираниот Меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург - Русија 2014 година, каде имаше 150 учесници од цел свет. Во септември 2016 година, Ева како претставник на нашата земја ја освои највисоката награда Гранд При на Меѓународниот фестивал за класична уметност и култура, што се одржа во Ерусалим. Во април 2017 година освои прва награда на најголемиот Интернационален натпревар за класична музика „Рондо“ во Њујорк и како првонаградена во својата категорија (во која се натпреваруваа 200 кандидати од сите континенти) реализираше концертен настап во престижната сала „Карнеги хол“ во Њујорк.

Богоевска има повеќе пати настапувано како солист со Македонската филхармонија, како и со Националниот оркестар на Операта и балетот во Хо Ши Мин - Виетнам. Во септември минатата година одржа солистички концерт во театарот „Марчело“ во Рим, Италија, а солистички настапи има остварено и во Словачка, Малезија, Виетнам, Италија, Русија, Австрија, Чешка, Унгарија, САД, Израел и, секако, во Македонија.


 

Содржината е прочитана 248 пати.