Инфо

„Дискаверер“: „Не одете во Дубровник, посетете го Охрид“

Интернационалната туристичка веб-страница изготви листа со пет популарни туристички дестинации што треба да се избегнуваат поради метежот и негативниот став кон туристите, а наместо нив препорачува алтернативни места

среда, 12 септември 2018

Интернационалната туристичка веб-страница „Дискаверер“ изготви листа со пет популарни туристички дестинации што треба да се избегнуваат поради метежот и негативниот став кон туристите и наместо нив препорачува алтернативни места кои задолжително треба да се посетат.

Во петте дестинации што треба да се избегнуваат е и Дубровник, а наместо овој град, „Дискаверер“ на туристите им го предлага Охрид.

„Посетата на старото историско јадро Дубровник е врв за кој било одмор во Хрватска, но метежот во тесните улички не придонесува за квалитетно искуство“, пишува патописецот на „Дискаверер“, Џулија Хамонд.

Според неа, пренаселеноста на градот е зголемена со бројот на туристите. Особено ако се има во предвид фактот дека Дубровник уште повеќе доби на популарност поради неговата улога во „Игра на троновите“, тогаш, како што вели Хамонд, се добива проблем од епски размери. Поради тоа властите беа принудени да го ограничат бројот на луѓе што можат да шетаат на безбедна квота од 4.000 на ден.

„Наместо да се обидувате да бидете еден од среќниците што ќе добијат карта за посета на дубровничките локации, посетете го прекрасниот град Охрид во соседната Македонија. Градот изобилува со шарм, од ресторани на езерото до древни цркви и манастири што се наоѓаат на секој агол. Сместен на најстарото езеро во Европа, градот има богата историја што ќе ве воодушеви, особено бидејќи можете да уживате во мир, без метежи“, вели Џулија.

Инаку, на врвот на листата непожелни дестинации е Барселона, а наместо неа, „Дискаверер“ препорачува да се посети шпанската Екстремадура. На второ место е Маја Беј во Тајланд, кој треба да се замени со Кох Муку во истата земја, потоа следува Галапагос наместо кој се препорачува Исла Магдалена во Чиле и на крајот на листата места што треба да се избегнуваат е Мачу Пикчу во Перу, а наместо него да се посети античкиот локалитет Морај што се наоѓа во близина.
 

Содржината е прочитана 37 пати.