Инфо

Сите физички лица кои годинава оствариле приход електронски да се пријават во УЈП за персонален данок

Обврска за регистрација во системот имаат сите граѓани кои оствариле приходи по било кој основ – плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, добивка од игри на среќа, од странство, пензија и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход

среда, 12 септември 2018

Сите физички лица кои имаат остварено приход во2018 година, вклучувајќи ги и оние кои примиле само плата и пензија, треба електронски да се регистрираат во Управата за јавни приходи на системот Е-персонален данок.
УЈП ги повикува граѓаните да го направат тоа што поскоро и да не го чекаат крајниот рок 31 декември 2018 година.

Како што беше речено на денешната прес конференција, обврска за регистрација во системот имаат сите физички лица кои оствариле приходи по било кој основ – плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, добивка од игри на среќа, од странство, пензија и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход, заради прием на пополнетата годишна даночна пријава што од 1 јануари 2019 година ќе ја доставува УЈП.

Физичките лица треба електронски да се пријават на системот e-pdd.ujp.gov.mk. Откако електронски ќе се пријават, си ги потврдуваат податоците во УЈП. На тој начин ќе имаат можност преку системот e-pdd.ujp.gov.mk да проверат дали приходите што ги оствариле се соодветни во однос на искажаните од исплатувачите, а со цел да се спречи евентуална злоупотреба во врска со нивните лични податоци и примања.

Пополнетата годишна даночна пријава преку електронскиот систем УЈП треба да ја достави до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година, а граѓаните ќе треба да ги потврдат или корегираат податоците од пополнетата даночна пријава најдоцна до 31 мај 2019 година.

Во електронскиот систем досега се регистрирани 13 илјади граѓани.
 

Содржината е прочитана 272 пати.