Култура

„Љубовникот“ и „Истребувач 2049“ го отвораат „Браќа Манаки“

Македонската театарска актерка Милица Стојанова е добитник на наградата Голема ѕвезда, што ја доделува Друштвото на филмски професионалци на Македонија

среда, 12 септември 2018

Со премиерата на краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов-Изи и со проекција на „Истребувач 2049“ во чест на британскиот оскаровец Роџер Дикинс, во сабота, на 22 септември ќе биде отворено годинашното 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Годинашен добитник на наградата Златна Камера 300 за животно дело е токму Роџер Дикинс, а лауреат на специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност е Клаудија Кардинале. Наградата Голема ѕвезда, што ја доделува Друштвото на филмски професионалци на Македонија, овој пат ќе и биде доделена на македонската и театарска актерка Милица Стојанова.

„Зошто оваа награда оди за Милица која не е позната како актерка на главни улоги? Осумдесет и шестгодишната актерка која е 60 години на филмското платно има играно во филмовите ‘Фросина’, ‘Исправи се, Делфина’, „Тетовирање“, ‘Среќна Нова’ 49′, па сѐ до новите како ‘Три дена во септември’. Ја наградуваме и поради фактот дека жената во македонските филмови е многу ретко претставувана како главен лик. Ќе откријам и еден помалку познат факт за пошироката јавност, а тоа е дека Милица го позајмува гласот за 90 отсто од македонските филмови каде играле српски и хрватски актерки“, рече претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи.

Уметничкиот директор и селектор на „Браќа Манаки“ Благоја Куновски- Доре ја најави селекцијата за главните награди: „Фокстрот“ на режисерот Самуел Маоз и кинематограферот Ѓора Бејач, „Студената војна“ на Павел Павликовски и Лукаш Жал, „Транзит“ на Кристијан Пецолд и Ханс Фром, „Пепелта е најчисто бело“ на Џја Џанг-ке и Ерик Готје, „Лето“ на Кирил Серебреников и Владислав Опелијанц, „Нико“ на Крисетл Фурние и Сузана Никјарели, „Горење“ на Чанг-донг Ли и Кионг-пуо Хонг, „Ага“ на Милко Лазаров и Калојан Божилов, „Девојка“ на Лукас Донт и Франк ван ден Ееден, „Зимски муви“ на Олмо Омерзу и Лукас Милота, „Недвижен имот“ на Манс Мансон како корежисер и кинематографер и „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“ на Спајк Ли и Чејс Ирвин.

Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска рече дека во главната програма се селектирани 12 филмови од различни кинематограферски генерации и оти во 14 програми ќе се прикажат над 95 долгометражни, документарни и кратки филмови.
 

Содржината е прочитана 70 пати.