Култура

Скопје ќе се кандидира за Европска престолнина на културата 2028

Во иднина сите активности на Градот на полето на културата ќе бидат насочени кон целта Скопје во 2028 да биде европска престолнина на културата

среда, 12 септември 2018

Град Скопје официјално објави дека ќе аплицира за номинирање на Скопје како можен кандидат за титулата на Европската комисија „Европска престолнина на културата за 2028“.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска на прес конференција рече дека во иднина сите активности на Градот на полето на културата ќе бидат насочени кон целта Скопје во 2028 да биде европска престолнина на културата.

„Културата се повеќе зазема важно место во развојот на градовите, но и претставува двигател на урбаниот, социјалниот и економскиот развој. Искуството од досегашните европски престолнини на културата вели дека за секое вложени евро, во Градот ќе се враќаат неколкукратно повеќе. Токму затоа, оваа титула ќе значи и зголемен број странски туристи и зголемена економска активност во градот. 2028 ќе дојде набрзо и ќе помине, но она што овој град ќе го добие како наследство од сето тоа, ќе трае со години. Скопје и неговите граѓани (културни работници) ќе сторат се оваа наша апликација да стане реалност. Јас искрено верувам дека во 2028 година Скопје ќе биде Европска престолнина на културата и ќе се вброи во редот на еден Ливерпул, Даблин, Амстердам, Мадрид, Истанбул, Копенхаген“, рече Шилегов.

Периодот за подготовка за стекнување на овој престижен статус му отвора можности на градот кандидат да го стимулира културниот развој и да ги поврзе институциите на културата за сите заедно да се подготват за изработување оргинална програма за аплицирање за титулата „Европска престолнина на културата“.

„Ова е вистинскиот процес низ кој треба да помине секој град кој сака да ја преиспита, да ја обнови и да постигне ново, современо ниво на развој и квалитет на културата во градот“, рече Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.

 

Содржината е прочитана 59 пати.