Инфо

Македонскиот фудбал со репрезентативно воскреснување во 2018

Националниот тим загуби само еден меч од осумте што ги одигра во изминатите 12 месеци и ја враќа надежта дека пласман на завршен турнир на сениорско ниво не е невозможна мисија

понеделник, 24 декември 2018

Македонија, конечно, се одважи и ја искористи приликата да си даде на значење на фудбалски план во 2018 година. Во неа влезе како 76. сила на ранг листата на ФИФА и ја напушта за осум скалила погоре.

Но, неспоредливо поважно од позиционирањето се позитивните изданија и вибрации што тимот ги емитува по успешно прележаната смена на генерации. Одигра осум меча во кои забележа пет победи, две реми и пораз. Тоа резултира со освојување на првото место во Д дивизија во Лигата на нации на УЕФА, пласман во повисоко натпреварувачко ниво за сезоната 2020/21 и најважното - разигрување за Европското првенство во 2020 година.

Селекторот Игор Ангеловски успеа да склопи целина што е спој на младост и искуство, ги хармонизира внатрешните односи во проектот на долг рок и ефектот не изостана. Меѓу првите работи што ги направи по преземање на функцијата беше враќањето на Горан Пандев во националниот тим, чија поддршка се искусните Иван Тричковски, Илија Несторовски, Ферхан Хасани, Аријан Адеми и Александар Трајковски. Потоа вбризга и „свежа крв“ од младата репрезентација која испиша историја со пласманот на ЕП 2017 во Полска за играчи до 21 година. Енис Барди, Бобан Николов, Стефан Спировски, Егзон Бејтулаи, Висар Муслиу како да беа во став на, атлетски речено, низок старт и со душа чекаа на сениорско докажување. Шансата ја дочекаа, храбро ја зграпчија, добија минутажа и слобода и на најдобар можен начин возвраќаат на довербата.

„Брусењето“ на формата низ пријателските натпревари одеше чекор по чекор. Трпеливо се градеше концепцијата, трпеливо се вградуваше секоја коцкичка за мозаикот да изгледа како што изгледа. Работата донесе надеж, надежта треба да донесе континуитет и публика, а таа да биде 12. играч во новите предизвицие за конкурентност што претстојат веќе од март во квалификациите за ЕП 2020. Ривалите се познати, меѓу нив нема атрактивни имиња, но затоа Македонија е во целина во која може да се наметне во походот кон историски пласман на завршен турнир на сениорско ниво.

Успехот не е невозможна мисија против Полска, Австрија, Летонија, Израел и Словенија, но не смее да се помисли дека е загарантиран. Треба да се одработи на терен со пристапи и настапи што ја красеа репрезентацијата во Лигата на нации. Затоа ќе треба да се поклопат и два важни услова - поволност на здравствениот билтен и стандардност на фудбалерите на клупско ниво. 


Клупската сцена во знак на „Шкендија“, „Вардар“ пред неизвесна пролет


Годината почна и заврши во знакот на „Шкендија“. Тетовци со огромна бодовна разлика ја освоија шампионската титула во домашното првенство пред „Вардар“, а во ист стил го завршија првиот дел од оваа сезона. Во меѓувреме, останаа најдолго во Европа од сите македонски претставници. Минаа три кола во квалификациите за ЛШ („Њу Саинтс“ од Велс, „Шериф Тираспол“ од Молдавија пред да бидат елиминирани од „Салцбург“ за плеј-офот, а потоа и од „Розенборг“ за групите во ЛЕ). Организациски и, особено финансиски се најмоќни во прволигашката конкуренција и ќе претставува изненадување доколку не успеат да го одбранат тронот. 

„Вардар“ ќе презими како второпласиран на табелата со пет бода помалку од „Шкендија“ и ако се суди според променливите игри есенва (повеќе ладно одошто топло), тогаш во прашање може да се доведе и излезот во Европа. Клубот е сериозно разнишан по најавите за повлекување на Сергеј Самсоненко и враќање под капа на Град Скопје, од каде го презема во јануари во 2014 година. Наталожените проблеми, доцнењето со плати и премии го сторија своето. Играчкиот кадар се одлева, за претстојниот преоден рок има најави за заминувања на неколку фудбалери од, и онака подмладениот ростер под водство на Александар Васоски, како најава за неизвесната пролет што ги очекува „црвено-црните“.


 

Содржината е прочитана 160 пати.