Интервјуа

Половина век усовршување сопствен моден имиџ на брендот „Кадора“

Интервју со Сузана Темелковска, сопственик на модно студио „Кадора“ во кое говори за продолжувањето на семејната кројачка традиција но на монденски начин, за уникатните креации и материјали, за подготовките за претстојниот Саем на венчавки, за елегантниот, женствен и пристоен аутфит на македонските бизнисменки

среда, 16 јануари 2019

МАРИЛИ: Брендот „Кадора“ цели 25 години успешно го гради и усовршува сопствениот моден имиџ. Како, всушност, започна оваа приказна и кој стои зад „Кадора“?
ТЕМЕЛКОВСКА
: Пред 25 години во Куманово го отворив моето прво модно ателје. Израсната во кројачко семејство, по години поминати покрај „Сингер“ машина и усовршување на кројачкото знаење, во 1993 година решив да ја продолжам традицијата на моето семејство на еден поинаков, монденски начин. Се сконцентрирав и се стремев од тогаш да ја претставам жената на начин на кој заслужува, да ја истакнам нејзината женственост и засекогаш да остане запаметен нејзиниот изглед. По неколку години пауза „Кадора“ расцути повторно и ја доживеа својата пролет. Во март 2018 година, по иницијатива на мојата постара ќерка Никита, дизајнер по професија, решивме да ја ребрендираме „Кадора“ задржувајќи го истиот стил, квалитет и раскошност.

МАРИЛИ: Што значи Кадора, зошто го одбравте токму ова име?
ТЕМЕЛКОВСКА:
Кадора е име на едно семејство прекрасни мали црвени рози. Токму така, розата, цветовите се наш заштитен знак.После жената, цветот е најбожествената креација.Убавината, миризбата, шармот, новиот почеток, романтиката се оние карактеристики кои ја поврзуваат жената со цветовите.

МАРИЛИ: Дали е тешко да се направи ребрендирање на свој бред после неколку години пауза и да се стартува бизнис повторно, во 50-ите години од својот живот?
ТЕМЕЛКОВСКА:
Кога се има љубов и желба нешто да се оствари, тогаш и универзумот ќе застане на ваша страна и ќе ви помогне таа ваша замисла да добие остварување. Знаењето и љубовта кон оваа уметност е огромна, така што ќе беше жално ова мое знаење да не го пренесам на својата ќерка и да не ја продолжам традицијата. Навистина е тешко да се почне одново, ретко кој се решава да стартува бизнис во 50-ите години од својот живот, а уште поретко тоа го прават жените. Но, ете, јас, за среќа, тука ја имам помошта од своите ќерки кои сакаат да научат и да помогнат. Талентот и љубовта кон оваа професија верувам дека ќе им донесе огромен успех и нашите дела ќе бидат надалеку видени и ценети и ќе им овозможат на нашите клиенти да бидат супериорни носејќи ги креациите на „Кадора“.

МАРИЛИ: Минатата година (април 2018) модното студио „Кадора“ отвори ново модно катче во Скопје. Какви дизајни можат да се најдат во Вашите салони, дали се тоа само раскошни, свечени тоалети, или има и други парчиња?
ТЕМЕЛКОВСКА:
Како што напоменав и претходно, целта ни е да ја истакнеме женственоста на секоја жена, без разлика дали е тоа креација за на работа, за вечерно или дневно излегување, за конгрес, манифестација, прослава или за свадба. Во нашето студио може да се најдат креации за жени од 18 до 88 години, бидејќи секое парче има своја приказна. Изработуваме креации за дневни настани или излегувања, па се до прекрасни и раскошни венчаници.

МАРИЛИ: За кого се наменети моделите на „Кадора“?
ТЕМЕЛКОВСКА:
Постоиме за сите оние кои препознаваат добар квалитет, убав крој и совршена изработка. Нашите модели се наменети за сите жени кои сакаат да остават печат и да бидат впечатливи и запаметени по елеганцијата и женственоста носејќи „Кадора“ уникатно парче.

МАРИЛИ: Кој ги дизајнира креациите, кој се потпишува зад уникатните парчиња, какви материјали користите при нивната изработка и од каде ги набавувате?
ТЕМЕЛКОВСКА:
Позади „Кадора“ и уникатните креации стои тим со долгогодишно искуство и млади таленти кои се подготвуваат за голем успех. Но, за креирање на нашите модели најзаслужни сме јас и Никита. Многу добар тим сме, да не речам совршен.Усогласени, најчесто имаме исти замисли, идеи кои со помош на моето долгогодишно искуство и префинетиот вкус за мода креираме уникатни модни парчиња за жени, девојки кои заслужуваат да се чувствуваат, пред се удобно и блескаво носејќи ја „Кадора“.
Материјалите со кои работиме се најчесто од истокот, ретко достапни на нашиот пазар. Практикуваме квалитетни свили, брокати и рачно извезувани ткаенини. 

МАРИЛИ: Вашите парчиња се рачно изработувани, со специфични детали и декорации, за што е потребно да се поседува и голема умешност, но и трпение. Колку време е потребно да се добие едно финално парче?
ТЕМЕЛКОВСКА:
Пред се, за изработка на секое парче е потребно многу знаење во делот на изработка, умешност и голема фантазија. Секое парче е своја приказна, посебно уметничко дело, не можам точно да одредам време. Работиме на секое парче со многу трпение, се додека за нас и за нашиот вкус и стил не изгледа совршено.

МАРИЛИ: Во рамки на модното студио имате и производствен дел. Дали тоа значи дека изработувате и креации по мерка на клиентите?
ТЕМЕЛКОВСКА:
Да, се разбира. Изготвуваме креации по мерка, бидејќи сите ние жените сме со различни димензии, желби и стилови. Ние заедно со нашите клиенти настојуваме да изградиме доверба и со заеднички пристап да дојдеме до совршена креација која ќе остави белег на убавите моменти кои вечно ќе ги паметат. Тука сме да ја исполниме секоја желба на клиентот.

МАРИЛИ: На што сте сконцентрирани во последниов период, дали подготвувате нова колекција?

 

 ТЕМЕЛКОВСКА: Во последниов период сме сконцентрирани на венчаници и се подготвуваме за овогодинешниот Саем на венчавки, кој ќе се одржува во „Александар палас“ во период од 22 до 24 февруари. Но, тука е новата пролет/лето 2019 колекција, која веруваме дека ќе биде лансирана после самиот саем.

МАРИЛИ: Дали и колку македонската жена знае да ја цени естетиката, квалитетот, уникатноста кои едноставно извираат од сите „Кадора“ креации?
ТЕМЕЛКОВСКА:
Македонската жена е препознатлива по елегантност, женственост и пристојност во поглед на аутфитот. Таа во целост е најчесто добро негувана и дополнета со комфорно елегантен избор на гардероба. Жените во Македонија се едуцирани во поглед на препознавање на изработката и квалитетот на материјалите, а со тоа го препознаваат и го ценат и квалитетот на изработката.

МАРИЛИ: За комплетниот аутфит на секоја деловна жена, гардеробата е веројатно најважниот елемент кој треба да остави впечаток дека се работи за силна и доминантна личност. Дали бизнисменките во Македонија ги задоволуваат овие критериуми?
ТЕМЕЛКОВСКА:
Со самиот факт дека жената одлучила да се впушти во бизнис водите во овој таканаречен машки свет, се знае дека таа е подготвена на сите предизвици и воедно е јака, силна, супериорна и доминантна личност. Таа одлика и ја изразува преку својот аутфит. Македонските бизнисменки се, пред се, госпоѓи кои знаат што сакаат, ценат квалитет и внимаваат на својот изглед, многу им е битно да изгледаат монденски, но, пред се, здраво и негувано.
 

 

Содржината е прочитана 634 пати.