Бизнис вести

Ќе се распише тендер за „зелена нафта“ за земјоделците

На земјоделците годинава трошоците за нафтата ќе им бидат покриени 30 отсто, но ситуацијата внимателно ќе се следи за да може да достигне 50 проценти, како што е предвидено во Законот

среда, 06 февруари 2019

По вчерашното усвојување на Уредбата со која се регулира исплатата на планираната поддршка од 200 милиони денари за „зелената нафта“, процесот е целосно откочен и може да се пристапи кон избор на економски оператор преку кој земјоделците ќе набавуваат субвенционирано гориво, рече денеска директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.

Пред настанот по повод новиот проект во земјоделството вреден 700.000 евра, Бабовски изјави дека изборот на операторот ќе биде јавен и максимално транспарентен.

На земјоделците годинава трошоците за нафтата ќе им бидат покриени 30 отсто, но ситуацијата внимателно ќе се следи за да може да достигне 50 проценти, како што е предвидено во Законот.

„Мораме да ја завршиме тендерската постапка, да се одбере соодветен економски оператор и потоа земјоделците да добијат ’зелени’ картички, како што ветивме. Со картичките ќе можат да купат гориво за механизацијата“, објасни директорот.

Според ресорниот министер Љупчо Николовски, со спроведувањето на „зелената нафта“ воопшто не се доцни. Напротив, испочитувани се сите рокови и што е најважно, како што рече, сите законски прописи.

„За ’зелената нафта’ воопшто не се чекаше. Ако добро се прочита програмата на Владата може лесно да се констатира дека се следи секој дефиниран чекор. Работата беше макотрпна, посебно во делот на дефинирањето на методологијата за исплата на средствата, како и во делот на креирањето на законската основа. Се работи за пари на граѓаните. Мора да бидеме одговорни за трошењето на секој денар, а не за 200 милиони денари“, потенцира Николовски.

Од оваа година, подвлече, 55.000 земјоделски стопанства ќе добијат мерка за која се зборуваше десет години, но дури сега се реализира. „Зелената нафта“ значително ќе ги намали производните трошоци и ќе овозможи финален производ со дополнителна вредност, а тоа ќе значи и поголема конкуреннтост.

Тој откри дека во процесот на подготовка, разгледувани биле два концепта за исплата на поддршката: едниот со отворање нови трансакциски картички во соодветни банки, а другиот, сега веќе усвоен, набавка на гориво преку економски оператор. Првиот концепт бил веднаш исклучен откако се увидело дека ќе значи дополнителни трошоци за земјоделците.

„Го избегнавме моментот земјоделците да отвораат нови сметки во банка. Навистина беше потребно време да се изработи концептот, да се направат сите анализи и да се утврди методологијата“, нагласи Николовски.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 160 пати.