Бизнис вести

Владата и ја одзеде концесијата на „Еуромакс“ за рудникот „Иловица“

Откако ќе истече законски предвидениот рок за жалба од 15 дена, Владата ќе може да донесе и конечна одлука за едностран раскин на Договорот за концесија со „Еуромакс Ресорсис“

петок, 05 јули 2019

Владата и ја одзеде концесијата на „Еуромакс“ за рудникот „Иловица“. На вчерашната седница ја усвои информацијата на Министерството за економија дека се исполнети законските услови за донесување решение за одбивање на барањето за издавање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот Иловица, општина Босилово на компанијата „Еуромакс ресорсис“ ДОО Скопје.

Во информацијата од Министерството за економија се наведува дека компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање дозвола за експлоатација. Поради тоа се одбива барањето за издавање на концесијата.

Откако ќе истече законски предвидениот рок за жалба од 15 дена, Владата ќе може да донесе и конечна одлука за едностран раскин на Договорот за концесија со „Еуромакс ресорсис“.

Од невладината организација „Здрава котлина“ кои со денови протестираа пред рудникот, ја поздравија одлуката на Владата како вистинска согласно законите на државата, но, како што велат, сепак ќе почекаат да изминат законските 15 дена за и конечно да се одземе првата концесија за рудникот „Иловица-Штука“.

„Ова е огромна победа на граѓаните, локалните жители и активистите и претставува светол пример каде граѓаните во нерамноправна битка се избориле за своите права наспроти големи корпоративни интереси со огромни ресурси и логистика. Посебно им благодариме на локалните жители на Иловица и Штука, на сите граѓани во струмичко, Југоистокот и цела држава, на активистите и еколошките организации од другите градови, на новинарите и на сите оние што не поддржуваа во оваа битка“, велат од „Здрава котлина“ и ја охрабруваат Владата да го стори истото и со втората концесија која истекува во јануари 2020 година.
 

Содржината е прочитана 140 пати.