Култура

Вкупно 22 уметници од земјава и од странство на традиционалните Интернационални ликовни работилници во Прилеп

Центарот за современа ликовна уметност Прилеп традиционално ги оганизира Интернационалната сликарска колонија, Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер „МЕРМЕР“, Интернационалното студио за пластика во дрво, Интернационалното ателје за скулптура во метал

понеделник, 08 јули 2019

Прилеп повторно е центарот на уметничките збиднувања во државата. Деновиве уште еднаш сите патишта водат кон градот под Марковите кули каде до10 јули се одржуваат Интернационалните ликовни работилници на кои учествуваат 22 уметници од земјава и од странство.

Центарот за современа ликовна уметност Прилеп традиционално ги оганизира Интернационалната сликарска колонија, Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер „МЕРМЕР“, Интернационалното студио за пластика во дрво, Интернационалното ателје за скулптура во метал. Посебен акцент годинава ќе биде ставен на 35 годишното опстојување на Интернационалното ателје за скулптура во метал, кој започнал од 1984 година и трае се до денес.

Во Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер „МЕРМЕР“ оваа година ќе земат учество AlbulenNeziri – Приштина, Косово и Carolina Palmero – Кордоба, Аргентина.

Во Интернационалното ателје за скулптура во метал годинава ќе учествува нашиот прилепски скулптор Марјан Стојаноски, како и скулпторите Џорџе Арнаут и Драгољуб Здравковиќ од Белград, Србија, додека Интернационалната сликарска колонија со дела ќе ја збогатат сликарите Alex Close – Otatawa Canada, Michal Banasik- Szczecin Poland, Jose Sanchez Ruiz, Valencia, Spain, Svetlana Solo – Moscow Rusia, како и прилепските сликари Наде Тоскоска, Драшко Михајлоски-Пижа, Лепа Милошеска, Марта Макеска, Кристијан Јованоски, Александар Џинго, Павлина Илиеска, Васил Костов, Сања Јездиќ,Тони Трајкоски, Ферди Булут, Драган Вергоски-Алпи, Тања Дмитриоска и Славчо Поповски, а во Интернационалното студио за пластика во дрво ќе твори Радослав Симеонов, скулптор од Софија Бугарија.

Творците ќе имаат 10 дена уметничко дружење и творење. Десет дена уметност која останува и ќе ги потсетува наредните генерации за постоењето на ЦСЛУ.

„Од 1957 година со формирањето на првата Интернационална сликарска колонија (една од најстарите во Југо-Источна Европа), па се до денес имаме континуирано ликовно творештво кое низ текот на годините Центарот за современа ликовна уметност успешно го негува и промовира преку формирање нови Интернационални ликовни работилници (студија за уметничко изразување преку различни материјали и форми), ателјеа за скулптура во мермер, метал, дрво, керамика, пластика, мозаик, графика, витраж, уметничка фотографија и меил арт. Во текот на своето 62-годишно постоење ЦСЛУ-Прилеп токму преку овие работилници создаде повеќе од 1.200 различни уметнички дела од уметници од повеќе од 50 држави од светот“, велат од Центарот.

ЦСЛУ-Прилеп постојано работи на поттикнување и унапредување на ликовниот израз во насока на социјално одговорна уметност која води сметка за актуелниот момент во општеството и уметноста. Допира нови трендови во уметноста, истовремено збогатувајќи го фондот на уметнички дела, трендови, стилови во уметноста, материјали од кои се изработуваат делата и предизвикува нов простор за ликовен израз со уметничко ангажирана содржина. Продолжува континуираната традиција на слободно уметничко изразување кое на крај резултира со готов уметнички производ.
 

Содржината е прочитана 161 пати.