Интервјуа

Потребен е поинаков третман на уметниците за да се спречи континуираното осиромашување на духот на народот

Интервју со проф. д-р Никола Смилков, вајар во кое говори за своите дела, за честа заедно со претставници од 75 држави да присуствува на отворањето на Меморијалниот центар за оживување на хуманоста минатата година во Египет, чија цел е оживување на човештвото. Во ова интервју Смилков зборува и за потребата државата да ги вложи своите капацитети за да го поттикне и поддржи интересот кај младите таленти за вајарство за да добие едуцирани ликовни уметници што ќе ја унапредуваат и развиваат уметничката мисла

понеделник, 29 јули 2019

МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе за Вашите почетоци како уметник, од каде љубота кон вајарството, дали Ви ја всади Вашиот татко, академскиот вајар Александар Смилков?
СМИЛКОВ:
Најверојатно моите почетоци се од најраната возраст, кога имав достапност до глината во ателјето на мојот татко. Преку тоа имав привилегија да растам и да ја осознавам уметноста и да бидам дел од едно уметничко живеење. Љубовта, веројатно, несвесно се вградила уште оттогаш, па природно е да се роди љубов кон уметноста кога човек е опкружен со уметнички дела, со литература и со уметник што со голема љубов ги реализираше своите дела.
Препознавањето на мојот животен повик постојано се докажуваше со запишувањето во Средното училиште за применета уметост во Скопје, а уште повеќе се втемели со продолжувањето на високото образование. Таму, на Факултетот за ликовни уметности, страста кон уметноста дополнително ми ја разгори и мојот професор Драган Попоски Дада и таа опстанува до денес. Како и да е, веројатно е дека денес вајарството е основа, храна на моето опстанување во споредба со љубовта што некогаш била всадена, макар и во генетска смисла.

МАРИЛИ: Вие сте претставник на современото македонско вајарство. Во Вашите дела, кои имаат различен формат, од минијатури до монументални скулптури, преовладува современ ликовен израз на форми што се апстрактни, но често и со асоцијативни белези на женска фигура. Зошто токму жената ја земате каков мотив во Вашата работа?
СМИЛКОВ
: Да, веќе полека влегувам и во средната генерација на претставници на македонското современо вајарство, со дела во различни формати од минијатури до монументални скулптури. Ликовните критичари велат дека и моите минијатури изгледаат монументално, па за мене димензијата е само прашање на опција за изведба. Имав повеќе развојни фази до оваа последната, која е малку поасоцијативна. Во поновата фаза на мојот израз ја има фигурацијата, со кубистички призвук, но без обезличеноста што се среќава во кубизмот. Тоа обезличување го заменувам и на еден свој начин го преточувам во суптилност, со која се карактеризира женското битие.
За прашањето зошто токму жената ја земам како мотив за сегашниот ликовен израз, јас би го цитирал францускиот сликар Пјер Бонар, кој вели: „Шармот на една жена може да му открие на уметникот многу нешта во неговата уметност.“

МАРИЛИ: Минатата година бевте дел од отворањето на Меморијалниот центар на Светскиот младински форум „Оживување на човештвото“ во Египет. За што поточно станува збор, кој беше патот да бидете дел од ваков светски настан, какви се импресиите и каде се изложени делата направени на тој настан?

 СМИЛКОВ: Учеството на ова издание на Светскиот младински форум беше реализирано благодарејќи на прифатената апликација на објавениот конкурс за симпозиумот „Rеviving humanity“, како дел од проектот за изградба на Меморијален центар за оживување на хуманоста, проект на светски познатата дизајнерска куќа Shosha Kamal Design House, предводена од познатата египетска дизајнерка Шоша Камал. Беше прифатено моето идејно решение, а со тоа добив и покана, заедно со уште 75 уметници, претставници од 75 држави, да учествувам на овој симпозиум што се одржа во Шарм ел Шеик, Египет. Скулптурата ја реализирав во мермер, со димензии 60 х 50 х 50 сантиметри, а денес таа е дел од овој Меморијален споменик на хуманоста, како дело на македонски автор, меѓу скулптурите на другите 75 претставници од државите во светот.


Меморијалниот центар во Шарм ел Шеик беше свечено отворен во рамките на минатогодишното издание на Светскиот младински форум од претседателот на Египет, Абдел Фатах ел Сиси, од кој добив посебно признание. Мора да признаам дека ми беше голема чест да присуствувам на ваков настан од светски рамки, чија цел е оживување на човештвото и каде што уметникот, преку своето дело, носи порака за поголема толеранција, еднаквост, заедништво и мир. Навистина уникатен начин да се покаже дека ние, уметниците, со нашата претстава за реалноста и со нашата индивидуална активност може да придонесеме за вистински промени во светот.


МАРИЛИ: Долги години соработувате со Центарот за современа ликовна уметност во Прилеп, поточно член сте на Управниот одбор на Центарот, кој минатата година го организираше јубилејниот 55. Скулпторски симпозиум „Мермер“. Што, според Вашето мислење, претставува овој симпозиум за државава, со оглед на огромната традиција и квалитетот на мермерот што единствено го поседува нашата земја?
СМИЛКОВ:
Соработката почна уште за време на моето студирање на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, по предлог на проф. Драган Попоски Дада да учествувам како асистент на светски познатите скулптори во техничката изведба на нивните дела. Но полека приказната доби друг тек, ја добив големата несебична поддршка и доверба од Диме Јанески, тогашен претседател на ЦСЛУ и целото негово семејство. 

Тие ми овозможија да влезам во еден, за мене, нов поинаков свет, со одлични технички услови за изведување на монументална скулптура, а со тоа и да стекнам големо искуство што до ден-денес многу ми значи во реализацијата на моите дела и за што сум им бескрајно благодарен. Оттогаш не престана нашата соработка, па пред една година станав член на Управниот одбор.

Горд сум на тоа што ЦСЛУ полека, но сигурно повторно почнува да си го враќа сјајот што го имаше пред многу години. За уникатноста и за квалитетот на мермерот може да зборуваат и тоа да го потврдат само оние што поседуваат барем мало парче од него, во која било форма, но значајноста и богатството на Симпозиумот во мермер е во одржаната традиција. Традиционалната врска на Мермерниот комбинат, ЦСЛУ и градот Прилеп, која низ годините сè уште егзистира, и покрај разните тешкотии, го прави Симпозиумот во мермер светски препознатлив на картата на симпозиуми во Европа и во светот.


МАРИЛИ: Вие сте професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Според Вашето мислење, има ли Македонија талентирани вајари и каков е интересот кај младите за вајарството?
СМИЛКОВ:
Иако мала земја, Македонија има ресурси за секоја област, па и во делот на вајарството како гранка на ликовната уметност. Според моето мислење, најважно е на младите таленти да им се обезбеди квалитетна насока, едукација и квалитетен образовен систем, но притоа, обрнувајќи внимание на секој од образовните циклуси (предучилишно, основно, средно и високо образование). 

Со таа цел на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ја формиравме и Ликовната академија, на која бев декан по формирањето. Интересот треба да биде двонасочен, во смисла дека, покрај интересот што го имаат младите таленти, и државата треба да ги вложи своите капацитети за да добие едуцирани ликовни уметници што ќе ја унапредуваат и ќе ја развиваат уметничката мисла и кои ќе можат слободно да егзистираат на државната и на светската ликовна сцена.

МАРИЛИ: Какви услови имаат вајарите во нашата држава, во смисла на можности за напредување, искажување, организирање изложби и слично?
СМИЛКОВ:
Со жалење мора да констатирам дека можностите на младите уметници не се нешто со кое можеме да се пофалиме. Со завршувањето на студиите младите уметници буквално се на улица, немаат финансиска поддршка, простории (ателјеа) каде што ќе можат да го продолжат своето ликовно изразување, па малкумина од нив продолжуваат со својата ликовна кариера за која се едуцирале или бараат други форми на изразување на својата креативност. Нашата држава треба да обезбеди поинаков третман на новите уметнички надежи и на уметниците воопшто, со цел да се спречи континуираното осиромашување на духот на народот. Неопходни се финансиска, морална и поддршка во секоја смисла, дури и менаџирање на младите уметници за нивно полесно вклопување на пазарот на уметнички дела.
 

Содржината е прочитана 746 пати.